дома блог страница 187

80 ГОДИНИ ГОРДОСТ, СТРАСТ И ТРАДИЦИЈА – ФК ПЕЛИСТЕР (ВИДЕО)

Во градот под Пелистер, каде што со децении се негува љубовта кон фудбалот, годинава се испиша нова блескава страница во историјата на
македонскиот спорт. ФК Пелистер го прослави својот голем јубилеј, 80 години постоење, осум децении исполнети со победи, емоции, предизвици и непоколеблива љубов кон зелено-белата боја.

Во рамките на одбележувањето на големиот јубилеј, беа доделени награди на најзаслужните личности кои низ годините оставија длабока трага во
развојот и успехот на клубот – фудбалери, тренери, спортски работници и верни поддржувачи кои ја чуваа жива искрата на Пелистер низ сите добри, но и турбулентни времиња.

Јубилејот беше заокружен со пријателски натпревар од посебно значење, на кој Пелистер ги одмери силите со романскиот гигант ФК Динамо Букурешт. На трибините се почувствува магијата на фудбалот, а на теренот, гордоста на Битола. Со сигурна и инспирирана игра, Пелистер славеше со 2:0, покажувајќи дека духот на клубот е посилен од кога било.

Но, ниеден момент не би бил ист без срцето и душата на битолскиот спорт, Чкембарите. Верните навивачи, кои годинава прославија 40 години
постоење, ја претворија атмосферата во вистински спектакл. Со своето препознатливо навивање, транспаренти и зелено-бели факли, тие уште еднаш покажаа дека љубовта кон Пелистер не е само страст, туку тоа е начин на живот.

Битола сјаеше во боите на клубот. Во чест на овој јубилеј, Саат кулата, Офицерскиот дом и античкиот локалитет Хераклеа беа обоени во боите на Пелистер, како симбол на вечност, сила и надеж. Градот дишеше во ритамот на љубовта кон најсветиот симбол на битолскиот спорт.

Осум децении впишана историја, стотици генерации, илјадници спомени….затоа ФК Пелистер е гордост, идентитет и легенда која
продолжува да се пишува со секој натпревар, со секоја песна и со секој глас од трибините.

Нека се множат годишнините и јубилеите на ФК Пелистер, симболот на Битола, кој ќе остане вечно обележје на македонскиот фудбал.

Албанија воведе привремена забрана за употребата на електрични тротинети

Во Албанија од денеска воведена е привремена забрана за употреба на електрични тротинети, кои се сметаат за опасност и извор на несреќи и доколку тоа не се почитува, овие средства ќе бидат одземени.

Веста ја објавија министерката за внатрешни работи Албана Кочиу и директорот на државната полиција Илир Прода.

„Спроведовме детална анализа на овој феномен и заклучивме дека употребата на овие возила предизвикува непосреден ризик за јавната безбедност. Доволно е да се спомене фактот дека само во текот на 2024 година, службите за итни случаи пријавиле 991 случај на несреќи во кои учествувале овие превозни средства. Меѓу овие случаи, имало за жал смртни случаи или со многу сериозни повреди, стои во заедничкиот видеозапис на Кочиу и Прода.

За да се справиме со овој проблем и ризикот што го претставува употребата на овие средства, за јавната безбедност и учесниците во сообраќајот, додава Кочиу, дефиниравме и стандардна постапка, врз основа на законот „За државна полиција“, за решавање на овој проблем со „казнување на возачите на овие возила и употребата на овие возила на градските патишта, вклучително и тротоарите, па дури и со нивно административно блокирање“.

„Државната полиција ќе биде вклучена во акција за забрана на движењето на електричните тротинети и поради оваа причина бараме разбирање од граѓаните за овој процес“, наведува Прода.

Објава околу ова прашање има и премиерот Еди Рама, кој наведува дека така ќе биде се додека не се изготви строга регулатива заснована на најдобрите меѓународни практики.

„СТОП ЗА ЕЛЕКТРИЧНИТЕ ТРОТИНЕТИ – Нови правила за јавна безбедност. 991 случај пријавен од службите за итни случаи за една година е повеќе од доволен за веднаш да се запре оваа опасна иновација во патниот сообраќај во нашите градови, сè додека не се изготви строга регулатива заснована на најдобрите меѓународни практики“, пишува во објавата премиерот Рама.

Светски звук, прилепска душа – Слушнете ја „Мораше баш сега“ од најпознатите блузери од Прилеп (ВИДЕО)

Најпознатите блузери од Прилеп – CROSSROAD BLUES BAND, објавија нова авторска песна и видео спот. Најновото музичко остварување носи наслов “Мораше баш сега” и звучи ОДЛИЧНО!

За помалку од 48 часа, песната е преслушана илјадници пати на сите социјални мрежи, има одличен ритам и текст и лесно влегува под кожа.

Текстот е дело на гитаристот во бендот Бранко Нешкоски, а музиката ја направи заедно со неговиот син и лид вокал, Давид Нешкоски. Бендот сам си направи маестрален аранжман и аудио и видео продукција, што е вистинска реткост, а сето тоа да изгледа компактно и убаво.

Во бендот покрај Нешкоски, се и тапанарот Зоран Настески, бас гитаристот Љупчо Шилоски и прекрасните вокали Викторија Георгиоска и Александра Трајческа.

Слушнете ја “Мораше баш сега” во продолжение и уживајте:

Легендарната Кастратовиќ утре во Прилеп ќе биде домаќин на големи прилепски ракометни имиња, а заедно ќе имаат иста цел

Ракометниот караван во организација на Ракометната федерација на Македонија по успешниот старт во Охрид, ќе го има своето второ издание.

Следна станица ќе биде Прилеп, каде на 14 октомври (вторник) со почеток во 12:30 часот во спортската сала во ООУ „Добре Јованоски“, ќе се одржи вториот караван со мотото „Ракомет – нашата игра, нашиот свет“.

Главната цел на караванот е промоција на нашиот национален спорт – ракометот, како и запознавање на најмладите генерации со неговата убавина и вредност. Веруваме дека овој настан ќе биде вистинска можност учениците да уживаат, да се забавуваат и да го почувствуваат спортскиот дух.

Промотори на настанот ќе бидат двајца прилепчани и една прилепчанка, како и легендарната икона на македонскиот женски ракомет.

На настанот ќе учествуваат: Индира Кастратовиќ и специјални гости, тренерот на РК Бутел – поранешниот репрезентативец од Прилеп, Горан Кузманоски, некогашната ракометарка, а сега ЕХФ судијка – Силвана Карбеска и левото крило на РК Прилеп – Димитар Димитриоски.

Македонија вечерва на мегдан со Казахстан за задржување на првото место во групата

На Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје вечер од 20:45 часот, македонската фудбалска репрезентација е домаќин на Казахстан.

Овој натпревар е претпоследен за двете селекции во квалификациите за пласман на Светското првенство 2026.

За „црвено-жолтите“ мечот има големо значење, бидејќи со победа ќе ги задржат шансите за пласман на Мундијалот.

Голманот Столе Димитриевски, очекува голема поддршка од трибините и уверува дека тимот размислува само за победа.

-Нашата цел е јасна, да излеземе на терен и да победиме. Очекувам голема поддршка од навивачите, се надевам дека ќе бидат во што поголем број на стадионот за да ни дадат дополнителна сила. Секако дека постои разлика меѓу Белгија и Казахстан, но тоа не значи дека ќе биде лесно. Со помош на публиката верувам дека ќе стигнеме до поволен резултат, а тоа, секако, е победа за нас, изјави Димитриевски на прес-конференцијата пред утрешниот меч.

Во групата Ј македонската репрезентација е лидер со 12 бода, Белгија има 11 и натпревар помалку, Велс е трет со 10 исто така со натпревар помалку, Казахстан има шест, Лихтештајн е без освоен бод.

Младиот џудист од Прилеп се враќа со бронзен медал од Балканското првенство во Црна Гора (ФОТО)

Младиот репрезентативец Марко Димитријоски од Прилеп, освои бронзен медал во категоријата до -46 килограми на Балканското првенство за пионери, што викендов се одржа во Будва, Црна Гора.

-Голема гордост за нашата репрезентација! Марко Димитријоски освои бронзен медал во категорија до -46 кг на Балканското првенство за пионери кое се одржа во Будва, Црна Гора! Во конкуренција од најдобрите борци од регионот, Марко покажа исклучителна подготвеност и борбен дух, забележувајќи 5 победи од вкупно 6 борби – напишаа од Џудо федерацијата на Македонија на социјалните мрежи.

Честитки за Марко и желби за уште поголеми успеси во иднина!

План, визија и решенија за поуреден и побезбеден град – Ова се проектите на ЗНАМ за современ сообраќај во Прилеп (ВИДЕО)

Кандидатите за советници за Советот на општина Прилеп од Движењето ЗНАМ за наша Македонија, денеска ја презентираа својата визија за поуреден и побезбеден град, со конкретни мерки насочени кон решавање на еден од најголемите проблеми – преоптовареноста на градските улици.

Од ЗНАМ Прилеп ветуваат:

Реализација на проектот за изградба на обиколницата – од рудниците за мермер, преку патот за Пештерица до Плетвар, со што Прилеп конечно ќе добие трајно решение за протокот на тешки товарни возила, кое ќе го растовари сообраќајот и ќе ја зголеми безбедноста.

Истовремено, во изборната програма се предвидува реконструкцијата на оштетените тротоари во сите населби, што ќе придонесе за почист, поуреден и пристапен град за сите граѓани.

Исто така во центарот на Прилеп и пред сите институции, ќе се постават современи паркинг места за велосипеди и информативни табли за безбедно движење, со што ќе се создаваат услови за развој на здрави и еколошки навики – чекор кон зелен и современ град.

Интервју со Жарко Бошкоски: “Време е Прилеп да стане модерен, дигитален и чист град – со конкретни решенија, не со празни ветувања”

Жарко Бошкоски — име кое му е добро познато на секој прилепчанец. Човек со долгогодишно искуство во реалниот сектор, со богат интелектуален и професионален бекграунд, препознатлив по својот рационален пристап и модерно размислување. Како кандидат за градоначалник на Општина Прилеп, поддржан од Коалицијата за успех предводена од ЛДП, ГРОМ, ИНТЕГРА и ПЦЕР, Бошкоски зборува за визијата за нов, современ и дигитален Прилеп. Во интервју разговор Бошкоски открива конкретни планови — дигитална администрација преку АИ Советник, мерни станици за воздухот, брзи решенија за јавната хигиена и стартaп хаб за младите. Неговиот став е јасен: „Ако сакаме различни резултати, мораме да направиме различни потези.“

Со енергија, знаење и верба во потенцијалот на градот, Бошкоски најавува ново време за Прилеп — град кој повторно ќе биде симбол на развој, чистота и иновација.

  1. Кој е Жарко Бошкоски и што ве поттикна да се вклучите во јавниот живот?

Јас сум Жарко Бошкоски, прилепчанец кој цел свој живот живее во Прилеп и работи во реалниот сектор.

Истовремено сум и човек кој верува дека Прилеп има огромен потенцијал — потенцијал што долго време не е искористен.. Животот во општината, предизвиците со воздухот, јавните услуги, инфраструктурата… се работи што ги гледаме сите секој ден, и знаеме дека е крајно време да се променат.

Јас сум човек кој трга од мотото дека ако сакаме различни резултати — мораме да направиме различни потези. Тоа ме поттикна да се вклучам во оваа трка, да понудам нешто различно од тоа што е понудено до сега.

  1. Доаѓате од реалниот сектор — како вашето досегашно искуство ќе влијае врз начинот на кој ќе управувате со градот?

Од финансиската индустрија како дел од сектор носам методи на работа што се ефикасни, брзи и базирани на резултати. Таму успехот зависи од планирање, одговорност, ефективно користење на ресурсите и постојано подобрување.

Како долгогодишен стопанственик и менаџер добро ја знам вредноста на секој вложен денар и секој час работа. А како градоначалник, ќе внесам таква култура и во Општината, која ќе биде место каде нема простор за одлагање, каде времето на граѓаните ќе се гледа како вреден ресурс. Како да е дел од реалниот сектор, Општина Прилеп ќе ги идентификува приоритетите, ќе ја мери како работата така и резултатите, транспарентно и со отчет.

Со примена на дигитални алатки, на системи како „АИ Агент“ за брза комуникација и јавни услуги, сакам администрацијата да стане сервис, а не пречка.

  1. Зошто решивте да се кандидирате за градоначалник на Прилеп? Што беше клучниот момент на одлука?

Прилеп е град кој веќе заостанува зад секој поголем град во Македонија. Прилеп беше град лидер, со развиена култура, спорт, живот, младост, но сега не е веќе така. Во оној момент кога тоа ќе си го признаеме сами на себе и ќе се соочиме со реалноста, ќе можеме да почнеме да го подобруваме Прилеп.

Клучниот момент беше кога сфатив дека чекорите што се преземаат денес не доведуваат до суштински промена за нашите сограѓани.

Тие продолжуваат да се соочуваат со исти проблеми: загадување, бавно решенија на комунални прашања, лош јавен транспорт, бавни административни процедури. Затоа, дел од нашите сограѓани не напуштаат или за во Скопје или за во странство, а со тоа потенцијалот на Прилеп уште повеќе се намалува.

Одлуката за кандидатура ја донесов затоа што сакам да внесам нови идеи, нова енергија, нови технологии—да ја забрзаме трансформацијата и да воспоставиме еден систем на функционирање.

Моите предлози и идеи се лесно остварливи и не претставуваат скапи капитални проекти, туку брзи решенија за подобрување на условите во градот.

  1. Ако бидете избран, кои ќе бидат вашите први три конкретни чекори во првите 100 дена?
  1. Лансирање на АИ Советник — да ги направиме сите општински услуги достапни онлајн, со лесен пристап, со следење на статусот на предметите, консултации, објективност и „без врски“.
  2. Поставување и активирање на 10 мерни станици за квалитет на воздухот и започнување на акциите за зелени површини — бидејќи тоа се дела што се видливи и кои ја подобруваат секојдневната околина на граѓаните многу брзо.
  3. Чистење на градот — почнувајќи од општинската зграда, ќе организираме целосно чистење со далеку поголема деталност и интензитет. Прилепчани за 30 дена ќе го видат Прилеп чист како никогаш претходно, а со тоа и ќе го поставиме долгорочниот стандард за чистота на градот кој ќе ме следи низ цел мандат.
  1. Кои се најголемите проблеми на Прилеп денес, и како конкретно ќе ги решавате?
  • Загадување на воздухот — почнуваме со мерење, ќе поставиме 10 нови мерни станици затоа што тоа што не го мериш, не можеш да го подобриш.
  • Неефикасна, бавна и непрозрачна администрација — затоа воведуваме АИ службеник.
  • Слаба инфраструктура за рекреација и спорт – особено во маалата — поради ова ќе се направи реконструкција на игралишта, изградба на нови спортски комплекси, уредувањето на кејот со атлетска патека и пешачки зони.
  • Недоволно искористен потенцијал на младите и претприемачите — Затоа ќе лансираме Стартап Хаб, Бизнис инкубатор, финансиска едукација, олеснет пристап до обуки, поттикнување идеи локално.
  • Проблеми со јавната хигиена и урбаната средина — за што решение се подземни контејнери, чистење и обнова на фасади, јавно осветлување кое се одржува, инфраструктурни решенија за урбани нестабилности.
  1. АИ службеник делува премногу неостварливо, сигурни сте дека ќе биде возможно тоа да се воспостави?

    АИ агент во служба на Општината е реално, економично (доста ефтино) и брзо остварливо решение! Не зборувам за „вселенски летала“ или „огромен капитален проект“, туку за имплементација на технологија која веќе постои!

„Интелигенцијата“ на системи како оние на ОпенАИ, Гугл, Антропик и др. овозможува да се користи нивниот систем преку API конекција, секако за надомест кој се пресметува во токени во зависност од обемот на употреба. Овој систем, би бил „трениран“ со официјалните процедури, регулативи, акти и подзаконски акти кои се применливи во најразлични процеси, вклучувајќи ги и тие за јавни набавки или јавни конкурси (context-trained using RAG – Retrieval Augmented Generation).

Сега, замислете имаме оглас за вработување на наставник во основно училиште и добиваме 10 апликации. Врз основа на критериумите на огласот, ВИ многу лесно и без притисоци, ургенции или субјективност ќе ни посочи кој е најдобриот кандидат.

– Не дека до сега не знаевме ние тоа да го утврдиме, но доколку бидам Градоначалник, ќе барам секоја одлука на именувано лице од моја страна, да е поткрепена со ваква препорака од ВИ. Само така ќе знам дека бил избран најдобриот кандидат или пак оператор за определена јавна набавка.

Вакви автоматизирани одлучувања се применуваат веќе во многу фирми низ светот, а определени државни органи и влади веќе размислуваат за имплементација или веќе имплементираат ВИ.

  1. Како ќе го вклучите младото поколение и дијаспората во развојот на градот?
  • Преку програми и иницијативи како Стартап Хаб Прилеп и Бизнис Инкубатор, каде младите ќе можат да развиваат идеи, да добиваат менторство, финансиска поддршка и ресурси.
  • Бесплатна финансиска едукација — да им се овозможи на младите да разберат како да управуваат со пари, како да инвестираат, како да започнат сопствен бизнис.
  • Активно да ги вклучам дијаспората преку проекти како национални roadshow-и и инвестициски пакети, да гледаме на дијаспората како партнер кој може да придонесе со идеи, знаење или инвестиции.
  • Поддршка за култура, спорт и јавни простори кои ги интересираат младите — модерни игралишта, настани, креативни простори, фестивали, култура на отворено, театар, уметност.
  1. На крај, која е вашата визија за Прилеп по четири години под ваше водство?

По четири години, Прилеп ќе биде град што ги живее предностите на современата, еколошка, дигитална општина. Граѓаните ќе можат да дишат почист воздух, да се движат лесно и удобно, да користат јавни услуги преку со помош на најнови технологии, да увидат дека нивниот глас вреди, дека градот се грижи за сите — млади, стари, семејства и сите оние со секакви потреби.

Град кој не е „назад“, туку лидер во регионот — привлечен за инвеститори, каде етиката, транспарентноста и иновацијата се норма, не исклучок. Прилеп ќе биде место каде што младите ќе сакаат да останат и да работат, не да заминат, бидејќи ги има условите, можностите, перспективата.

Не можеме да очекуваме промени и подобро од ова, доколку секогаш се однесуваме исто на денот на изборите!

СТАРТУВА ЕЕС СИСТЕМОТ ЗА ВЛЕЗ И ИЗЛЕЗ ОД ЕУ – Eве што треба да знаете ако од денеска патувате кон некоја земја од Европската Унија

Од денеска 29 земји членки на Шенген зоната ќе започнат со постепено воведување на новиот дигитален Систем за влез/излез (ЕЕС) на граничните премини на нивните надворешни граници.

Со стапувањето во сила на ЕЕС системот земјите членки на Шенген зоната ќе започнат со електронско регистрирање на податоците на државјаните на трети земји што не се дел од ЕУ, меѓу кои и македонските граѓани, кога ги преминуваат надворешните шенгенски граници за престои до 90 дена. Имплементацијата на системот на сите копнени премини, аеродроми и пристаништа треба да заврши во период од шест месеци.

За време на периодот на постепено воведување на ЕЕС, земјите членки на Шенген зоната можат самостојно да одлучат на кои гранични премини ќе го имплементираат системот и кога. Целта на ваквиот пристап е да им се овозможи на граничните власти, транспортната индустрија и патниците да се прилагодат на новите процедури.

По истекот на шесте месеци, односно од 10 април 2026, ЕЕС системот ќе треба да се применува на сите гранични премини, а процедурата на ставање печати во пасошите ќе биде заменета со електронски записи во системот. Во текот на шестмесечниот транзициски период на ЕЕС практиката на ставање печати во пасошот ќе продолжи.

Со ЕЕС се очекува да се обезбедат веродостојни податоци за граничните власти, што ќе им овозможи систематски да откриваат лица кои го пречекоруваат дозволениот период за престој, како и случаи на измама со патни документи и идентитет.

Според Европската комисија, со целосното автоматизирање на гранични проверки ќе се обезбеди полесно и побезбедно минување на границите за сите.

Со новиот систем ќе се регистрираат податоци за пасошите на државјаните од земји кои не се членки на ЕУ, ќе им бидат фотографирани лицата и ќе им бидат земани отпечатоци од прстите при нивното прво преминување на граничните премени по имплементацијата на ЕЕС. При секое наредно преминување ќе биде потребна само брза верификација на нивниот идентитет преку ЕЕС системот.

Новиот систем ги исполнува највисоките стандарди за заштита на податоците и приватноста, осигурувајќи дека личните податоци на патниците ќе бидат заштитени и безбедни.

Во пресрет на почетокот на имплементацијата на ЕЕС системот, македонското Министерството за внатрешни работи им препорача на сите наши граѓани кои од денеска планираат да патуваат во земја од Шенген зоната да се запознаат со новите правила и процедури, со цел да се осигурат дека нивните патувања ќе бидат навремени, безбедни и без непотребни одлагања.

Aдреналински спектакл во Прилеп! 1.300 учесници ги презентираа своите убавци на четири тркала (Фото галерија/Видео)

Над 1.300 учесници од соседните земји: Грција, Бугарија, Србија, Албанија, но и од Италија, Швајцарија, Турција… зедоја учество на 17-то по ред Tuning Car Show кое секоја година во Прилеп се одржува на 11. Октомври – Денот на народното востание.

Изложбата на автомобили во центарот на градот траеше од 10 часот наутро, па се до 19 часот, а илјадниците посетители преку целиот ден уживаа во глетката на олдтајмери, спортски модификувани автомобили и разни луксузни лимузини.

Организаторот додели 20 награди во исто толку категории. Едно вистинско адреналинско доживување кое секоја година прилепчани го чекаат со нетрпение.

Во продолжение ви пренесуваме некои од најубавите модели: