дома блог страница 134

Хуманитарна трка со срце – PRILEP RUN 2026! Пријавете се!

На 14.6.1016 Ротаракт Клуб Прилеп ќе ја организира хуманитарната трка „Трка со срце“, спортски настан кој оваа година ќе се одржи на патеките од 5 и 10 километри низ улиците на Прилеп.

Настанот има за цел преку спортот да се испрати силна порака за хуманост, заедништво и инклузивност, покажувајќи дека трчањето не е само натпревар, туку и начин да се помогне таму каде што е најпотребно. Под мотото „Трка со срце“, сите собрани средства од трката ќе бидат наменети за донација на електромагнетен стимулатор, како и поддршка за повредените во Кочани.

Организаторите најавуваат учество на рекреативци, професионални тркачи, млади луѓе и граѓани кои сакаат да бидат дел од една позитивна, хумана но и пред се инклузивна приказна. Трката ќе биде симбол на солидарност и потсетник дека малите чекори на секој поединец можат да направат голема промена за некого.

Поради непречено и безбедно одвивање на настанот, дел од улиците во централното градско подрачје ќе бидат затворени во времетраење од околу 3 часа во недела на 14 јуни во утринските часови (08:00-11:00).

Од Ротаракт клубот упатуваат молба до граѓаните за разбирање, трпение и почитување на времената сообраќајна регулација.

„Ова не е само спортски настан, туку повик за заедништво, емпатија и поддршка. Веруваме дека Прилеп повторно ќе покаже дека има големо срце“, велат организаторите.

Пријавувањето за учество е веќе отворено, а организаторите ги повикуваат сите љубители на спортот и хуманоста да бидат дел од „Трка со срце – Prilep Run 2026“ и заедно да испратат силна порака дека хуманоста секогаш победува.

Регистрација на е-маил адресата: [email protected] или на телефонскиот број: 075 416 731

Битолската пожарна доби две нови возила (ФОТО)

Територијалната противпожарна единица на Битола денеска беше модернизирана со теренско противпожарно возило со специјална надградба, цистерна за вода и теренско возило. Оваа опрема ќе овозможи побрза реакција, подобра мобилност на непристапни терени и поефикасно справување со пожари во шумски и рурални средини.

Обезбедени се во рамките на проектот „FIREFLY-заедничка прекугранична иновативна заштита и превенција од шумски пожари“, проект кој носи конкретни придобивки за граѓаните на Битола, Пелагонискиот регион и прекуграничната област.

На денешното примопредавање присутен беше заменик министерот за локална самоуправа Ерџан Селими, градоначалникот на Битола Тони Коњановски, директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион Јосиф Балтов и командирот на противпожарната единица на Битола Христијан Тодоровски.

„Како најголема општина во регионот и основач и финансиер на Територијалната противпожарна единица Битола, Општина Битола добро ги познава предизвиците со кои се соочуваат пожарникарите на терен. Последните години сме сведоци на сè почести екстремни временски услови, долги сушни периоди и зголемен ризик од шумски пожари кои претставуваат сериозна закана за природата, имотот и човечките животи. Територијалната противпожарна единица Битола не ја штити само територијата на Општина Битола. Таа секојдневно обезбедува заштита и за општините Новаци и Могила, а во многу наврати интервенира и пошироко во регионот кога тоа е потребно. Токму затоа, вложувањето во нејзините капацитети претставува вложување во безбедноста на целиот Пелагониски регион“, рече градоначалникот Коњановски.

Проектот е аплициран во рамките на првиот отворен повик од Програмата за прекугранична соработка со Грција 2021-2027 година која е дел од Инструментот за претпристaпна помош на Европската Унија.

Главна цел на проектот е да се придонесе во превенција и ефективно управување со шумските пожари во прекуграничните региони и придонес во заштитата на природната средина и зајакнување на здравите екосистеми на двете области.
Партнери во проектот од македонска страна се Центар за развој на Пелагониски плански регион – Битола Македонија и Дирекција за заштита и спасување – Скопје Македонија.

“Кога Рацин зборува – зборува Македонија”: Во Прилеп се одржаа вторите Рацинови средби (Фото галерија)

Во организација на ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп, а со поддршка на Општина Прилеп, успешно се одржаа вторите по ред Рацинови средби, манифестација посветена на ликот и делото на големиот македонски поет и револуционер Кочо Рацин.

Во соработка со училиштата „Кочо Рацин“ од Могила, Дојран, Блатец и Велес, дводневната манифестација беше исполнета со бројни културни, образовни и забавни активности, кои на учениците им овозможија да се запознаат со богатото културно и историско наследство на Прилеп и Македонија.

Програмата започна со полагање цвеќе на Могилата на непобедените, а учесниците ги посетија Меморијалниот музеј „11 Октомври“, Галеријата на икони, Музејот за тутун, манастирот „Св. Архангел Михаил“ – Варош и повеќе значајни локалитети во градот.

Во текот на средбите се реализираа драмски изведби, едукативни натпревари, тимски игри, музички настапи и туристички тури низ Прилеп. Преку секоја активност учениците ја оживуваа мислата и делото на Кочо Рацин, потврдувајќи дека неговото творештво и денес претставува силна порака за идните генерации.

Завршната свеченост се одржа во амфитеатарот во Варош, каде преку богата музичко-културна програма, песни и рецитали посветени на Рацин, беше заокружено овогодишното издание на Рациновите средби.

Николоски: Градежништвото расте со 7,2 проценти, а градбата на патиштата и железницата со 20 проценти во првото тромесечје

Градежништвото останува еден од најсилните двигатели на домашната економија, што јасно го потврдуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика за првиот квартал од 2026 година, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Според статистичките податоци градежниот сектор во првиот квартал годинава бележи раст од 7,2 проценти во споредба со истиот период минатата година. Овие бројки, истакнува министерот, претставуваат силен показател за континуираната градежна активност низ целата држава, како и за успешната реализација на капиталните инвестиции кои се од клучно значење за економскиот развој.

Според Николоски, особено охрабрувачки е фактот што во сегментот на нискоградбата е регистриран двоцифрен раст од над 20 индексни поени.

– Овој сегмент ги опфаќа инвестициите во изградба на автопати, експресни патишта, регионални и локални патишта, како и железницата, кои Владата преку Министерството за транспорт ги реализира со високо ниво на посветеност и одговорност. Растот во нискоградбата е директен резултат на засилените активности на терен и силната динамика со која се реализираат капиталните проекти, вели Николоски во пишана изјава.

Како што информира, автопатиштата на коридорите 8 и 10 д, се градат со силна динамика, а паралелно со тоа се инвестира и во железничката инфраструктура, што претставуваат клучен сегмент за долгорочниот економски развој, регионалното поврзување и зголемувањето на конкурентноста на економијата.

Вицепремиерот Николоски во однос на стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во првото тримесечје од годинава која изнесува 3,1 процент, наведува дека тој резултат претставува јасен показател дека економијата расте, инвестициите даваат резултати и развојните политики на Владата создаваат реални ефекти во стопанството.

– Резултатите што ги објави ДЗС, се потврда дека државата се движи во вистинска насока, градежништвото останува мотор на економскиот развој, а инфраструктурните проекти силно го поддржуваат растот, развојот и креираат подобра иднината на државата, изјави Николоски.

(ФОТО) Атракција во Прилеп! Липите растат со крошната долу, а коренот горе

Дендролози од целиот свет обединете се и дојдете во Прилеп, ќе видите чудо! Прилепски КОМУНАЛЕЦ успеа да ги премести крошните на липите, па сега коренот им стана крошна, а крошната корен…. Ова го нема никаде во светот, можеби без да сакаме измисливме нов тип на дрвја….

Ова врвно “научно” достигнување се должи на многу умешното кастрење на дрворедите, што со години ни го претставуваат како правилно.

Алал ви вера, успеавте 50-годишни дрвореди да претворите во прачки!

Театарот од Сињ, Хрватска со комедијата „Вај – Фај” гостува во Битола

Во сабота на 06.06, во рамките на одбележувањетто на Денот на државноста на Хрватска, во Центарот за култура Битола, гостува театарот од Сињ, Хрватска со комедијата „Вај – Фај”, во организација на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“, Битола.
Претставата е работена по текст на Мирољуб Недовиќ, а под режисерската палка на Жељко Вицулин.

Силен хумор и комични ситуации, претстава во која актерите на духовит начин нè соочуваат со апсурдите на модерното време, каде што виртуелниот свет често ни го диктира темпото на живеење. Не ја пропуштајте приликата да се насмеете до солзи со нашите гости од Хрватска.

Денот на државноста на Хрватска е еден од најзначајните за хрватската понова историја. Оваа година Хрватскиот културен центар го одбележува во два дена: со музичка вечер во која ден претходно на 5.јуни во КИЦ Битола ќе гостува клапата Цетињани од Хрватска, а како специјални гости ќе настапат учениците на Државното музичко училиште од Битола и втората вечер на 06.јуни со претставата во Центарот за култура, гостување од Сињ. Во текот на изминатите години Хрватскиот културен центар од Битола, воспостави соработка со сите релевантни институции од Македонија и Хрватска, беше иницијатор на неколку збратимувања со општини и КУД-ови. Неодамна гостуваа во Сплит, како дел од меѓународната конференција „Современи пристапи во обликувањето на библиотечните простори за деца и млади“, во рамките на која се потпишаа Меморандуми на соработка со Градската библиотека „Марко Марулиќ“ од Сплит, Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ и Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Одбележувањето на Денот на државноста на Хрватска во Битола е организирано во соработка со Културно-информативниот центар Битола, Општина Битола, Центарот за култура, Државното музичко училиште, Сплитско Далматинскиот округ и Централната канцеларија за Хрватите кои живеат надвор од Република Хрватска.

Влез: Слободен

Загревање за летото со две музички вечери: Викендите се уживање на најдобрата ТЕРАСА во Прилеп

Викендот во Pub Club Terasa носи две одлични музички вечери кои ветуваат добра атмосфера, квалитетна музика и незаборавно дружење.

Омиленото место за ноќен излез во Прилеп продолжува со богата музичка програма, а овојпат посетителите ќе имаат можност да уживаат во два различни музички концепти во две последователни вечери.

Во петок, 5 јуни, на сцената во Terasa ќе настапат дечките од METROPOLIS BAND, кои како и секогаш ќе понудат вечер исполнета со добро познати хитови, позитивна енергија и одлична забава.

Веќе следниот ден, во сабота (6 јуни), атмосферата ќе ја збогатат БОБИ И НИКОЛА, музички тандем кој секогаш создава интимна и пријатна атмосфера со внимателно избран репертоар и одлична комуникација со публиката.

Pub Club Terasa и овој викенд останува местото каде што се спојуваат добрата музика, доброто друштво и препознатливата атмосфера која привлекува посетители од целиот регион.

Резервирајте го вашето место и бидете дел од уште еден музички викенд во Pub Club Terasa.

070 304 967

СРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: В.М. ОД СТРУГА ОСВОИ СУПЕР МИЛИОНЕР ВРЕДЕН 6.849.289 ДЕНАРИ

Најновиот добитник на СУПЕР МИЛИОНЕР е В.М. од Струга. Тој освои џекпот вреден 6.849.289 денари.

Најпосакуваната ВЛТ добивка е освоена на видеолотариските терминали кај деловниот соработник Златна копачка на 30.05.2026 година во Струга. Среќната игра е 40 Супер хот. Тимот на Видеолотарија Касинос Австрија му честита на добитникот.

Во периодот од 25.05.2026 до 31.05.2026 година, Видеолотарија Касинос Австрија исплати вкупно 12.500.605денари кон играчите на ВЛТ терминалите низ Македонија, и тоа:

   •   1 СУПЕР МИЛИОНЕР џекпот- 6.849.289 денари

   •   3 МИЛИОНЕР џекпот добивки – вкупно 4.306.080 денари

   •   МИНИ џекпот добивки – 1.345.236 денари

Видеолотарија Касинос Австрија повеќе од една деценија успешно работи во согласност со сите законски регулативи и меѓународни стандарди. Мината 2025 година беше година на рекорди, еуфорија и многу среќни ВЛТ добитници! Видеолотарија Касинос Австрија им исплати на играчите на ВЛТ импресивни 814.512.912 денари, односно повеќе од 13 милиони евра за џекпот добивки.

Поголема безбедност за пешаците: Се работи на поставување на пешачки семафори на неколку локации во Битола

На преминот на Широк сокак кај плоштадот „Гоце Делчев“ во тек се активностите за поставување на пешачки семафори кои треба да го олеснат преминувањето на пешаците преку оваа сообраќајница, во периодот кога таа не е затворена за сообраќај.

Деновиве, со интензивни работни активности после полноќ, се врши бележење на коловозот од страна на ЈП „Паркинзи“, согласно основниот сообраќаен проект за воведување на светлосни знаци за управување со сообраќајот на крстосниците на улица „Широк Сокак“ со улица „Димитар Илиевски Мурато“ и со улица „Солунска“ и воведување на пешачка зона на Плоштад „Гоце Делчев “ во Битола. Проектот по барање на Општина Битола го изготви Jавното претпријатие за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг од Битола.

Работните активности се изведуваат во ноќните часови со цел реализацијата на проектот да не влијае врз секојдневието и движењето на граѓаните.

Освен кај плоштадот „Гоце Делчев“ се работи и на поставување пешачки семафари кај Камен мост, со што и на овој премин ќе се обезбеди побезбедно преминување на улицата особено во летниот период кога фреквенцијата е голема.

Согласно проектната документација, планирано е и плоштадот кој се користи како паркинг простор да биде пешачка зона, односно да нема паркирани возила, а за неговото уредување денес, преку граѓански форум, граѓаните ќе имаат можност да ги изнесат своите мислења и согледувања насочени кон разубавување на плоштадот.

 

Попладнево невреме: Пороен дожд, грмежи и град

Под влијание на циклонска активност, денеска попладне, во текот на ноќта и утре времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Локално ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m2), електрични празнења, силен ветер и појава на град.

Во следните денови ќе се задржи променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Во сабота на 6 јуни и во понеделник на 8 јуни повторно се очекуваат поинтензивни процеси со пообилен пороен дожд и локално невреме.

Во Скопје, денес попладне и утре ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со интензивен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и изолирана појава на град. Во сабота и во понеделник повторно се очекува нестабилно време.