дома блог страница 116

Големо меѓународно признание: ИДЕАЛ СПОРТ Прилеп влезе во мрежата на Обединетите нации

Од спортскиот менаџер Александар Ѓорѓиески добивме информација, што ќе ги израдува сите што го сакаат прилепскиот и македонскиот спорт

Обединетите нации официјално го потврдија членството на ИДЕАЛ СПОРТ Прилеп во глобалната иницијатива Football for the Goals (FFTG), со што ИДЕАЛ СПОРТ станува првата спортска организација од Македонија која се приклучува на оваа светска мрежа.

Со членството во FFTG, ИДЕАЛ СПОРТ станува дел од глобална фудбалска заедница која обединува клубови, федерации и спортски организации од целиот свет, меѓу кои се и UEFA, The FA – Англиската фудбалска асоцијација, Real Federación Española de Fútbol – Шпанската фудбалска федерација, како и бројни други реномирани фудбалски институции.

„Football for the Goals“ е иницијатива предводена и управувана од Обединетите нации, која ја користи моќта на фудбалот не само за подигнување на свеста за Целите за одржлив развој, туку и за поттикнување промени во однесувањето и воведување одржливи практики во фудбалската индустрија.

Ова членство претставува значајно меѓународно признание за работата на ИДЕАЛ СПОРТ и за вредностите кои ги промовираме преку спортот. Нашата цел е да создадеме позитивна спортска средина во која младите ќе растат со почит, фер-плеј, дисциплина и вистински спортски дух.

Веруваме дека фудбалот има огромна сила да ги поврзува луѓето, да инспирира позитивни промени и да придонесе кон создавање поздраво и подобро општество.

Од денес, ИДЕАЛ СПОРТ ќе делува локално и глобално, како дел од светската мрежа која преку фудбалот создава позитивно влијание во заедницата.

Се очекува ескалација на конфликтот во СДС Прилеп, Венко иди во четврток

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во четврток, 14.05., со почеток од 19:00часот, во салата на киното “Мис Стон”, ќе одржи средба со граѓани – информираат од ОО СДСМ Прилеп.

Партискиот огранок во Прилеп е можеби во најнезавидна состојба во државата. Изостанува активизмот, партиските структури едвај функционираат. Дополнително СДСМ во Советот на општина Прилеп е застапен само со 6 советници, од кои двајца се припадници на коалициони партнери.

Се очекува жестока дискусија со претседателот на партијата и расчистување на многу прашања, од кои ќе зависи во кој правец ќе се движи партијата на локално ниво.

https://www.facebook.com/photo/?fbid=1285943160378031&set=a.278309981141359

ДРОН ВИДЕО: Ноќниот шарм на Битолската чаршија

Калдрма, светла и приказни што живеат со векови… Битолската чаршија и ноќе го чува својот посебен шарм — место каде историјата, традицијата и духот на Битола сè уште дишат низ секоја улица.

Уживајте во продолжение во дрон видеото на Џоле Трајчески:

Ексминистерот Николовски повикан на службен разговор во полиција

Поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски е повикан во СВР Скопје на службен разговор, дознава „Курир“.

Според информациите на порталот, ексфункционерот на СДСМ е сомничен за злоупотреба на јавна набавка која ја спровел додека бил министер за повеќе од 800.000 евра, спротивно на Законот за јавни набавки.

Од најсраскошна оаза во Прилеп пред 10 години, до запуштено и тажно место денес (ФОТО)

Жителите од населбата “Димо Наредникот” бараат од надлежните да се обноват парковите околу зградите. Уништени се игралиштата, тревниците се запуштени, фонтаните одамна не функционираат…

Паркот пред колективните згради на улицата “Димо Наредникот” беше вистинска бајка пред десетина години. Парковите постојано се одржуваа и се полеваа со техничка вода, а особено беа атрактивни во сончевите денови, а сега, само уличните кучиња се присутни…

Покрај обновување на парковите, надлежните мораат и да најдат начин да воведат мониторинг во парковите, затоа што залудно се трошат пари секоја година на обновување, а потоа одново се уништуваат општите добра од несовесни граѓани.

Битола добива и боксерска спортска сала – Објектот е во завршна фаза (ФОТО)

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски изврши увид на изградбата, односно завршницата на еден капитален објект за Битола.

Центарот за спорт и спортски активности е еден од шеснаесетте проекти финансирани од владата на Македонија преку министерството за спорт со вкупна вредност од над 43 милиони денари.

Надвор во завршна фаза е довршувањето на фасадата на објектот, а во внатрешноста на објектот се довршува подот.
Објектот е на два ката со површина од околу 930 метри квадратни и максимална висина од 7,2 метри. Во приземјето просториите за физички активности. Административен дел, помошна техничка просторија, а на западната страна од објектот сала за тренинг со боксерски ринг и фитнес справи. Објектот има и соблекувални машки и женски со сопствени тоалети и бањи и тоалет за лица со посебни потреби.

На источната страна се просториите за спортско качувачки клуб идентични како на боксерскиот клуб, со сала за тренинг и соблекувални.

Салата за бокс и салата каде ќе биде поставена карпа за болдеринг се двовисински простории.

На горниот кат предвидени е административниот дел, чајна кујна и тоалети. Тука ќе има и галерија која ќе служи како гледалиште.

Околината на објектот ќе биде партерно уредена и ќе има паркинг.

Ова ќе биде место за тренинг и подготовка на битолските и македонските боксери. Битола има своја боксерска историја, а во сегашноста и свои шампиони, кои ќе добијат современи и модерни услови за нивните предизвици.

Изложбата „Маркукуле – живо” од уметницата Ивана Темелкоска, во петок пред прилепчани во “Цепенков”

На 15 Мај 2026г./петок/ од 20.00 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на фотографии „Маркукуле – живо” од Ивана Темелкоска.

Ова е нејзина прва самостојна изложба, поддржана од Министерството за култура и туризам.

„Маркукуле — живо“ претставува фотографски запис на еден ист простор низ различни времиња, состојби и атмосфери, создаден како процес на долгорочно и внимателно набљудување.

За изложбата:

Постојат места коишто ги носиме во видното поле толку долго, што на крај престануваме да ги гледаме. Маркукуле е токму такво место – рид длабоко всаден во секојдневието на Прилеп, толку познат, толку секогаш присутен, па затоа и речиси невидлив. Ивана Темелкоска го врати погледот кон него – и со тоа, и нашиот.

Фотографската серија „Маркукуле – живо” се роди во една ретко плодна тишина: онаа на пандемискиот карантин. Во времето кога светот се стесни на четири ѕида, кога единствената врска со надворешноста стана прозорецот, Темелкоска го насочи објективот кон она што се гледаше низ прозорецот. Истиот рид. Секој ден. Фотографирано со трпение, со будност, со она особено внимание кое може да произлезе само од такви ситуации, кога бараме излез, спас од грдото пандемиско секојдневие. Резултатот е визуелен дневник со готово медитативен карактер. Серијата не е изградена врз однапред дефиниран концепт или формална теза – таа расте органски, кадар по кадар, ден по ден. Токму во таа спонтаност лежи нејзината сила. Темелкоска не фотографира со цел да „докаже” нешто – таа фотографира за да присуствува. Камерата овде функционира не само како алатка за снимање, туку и како алатка за будење – начин да се излезе од сопствената глава и вистински да се биде тука, во моментот. Фотографијата како автотерапија.

Иако ридот останува ист, ниту една фотографија не е иста. Светлината в зори не е иста со светлината на пладне или приквечер. Облаците на есен не се облаците во зима. Маркукуле живее во промените коишто, ако не обрнуваме внимание, едноставно ги пропуштаме. Авторката го прави очигледно она коешто секогаш таму е присутно: дека непроменливото, всушност, никогаш не мирува.

Темелкоска доаѓа од специфично творечко вкрстување – дипломиран филолог по руски јазик и книжевност, со осумгодишна кариера во графичкиот дизајн, и со фотографија длабоко вкоренета уште од детството, кога ги „крадеше“ тајните на фотографијата со поглед преку рамото на татко си во тeмната комора и хемикалиите за обработка на црно – бели фотографии. Таа интимна врска со медиумот е длабоко видлива во овие кадри. Тука нема студена дистанца на набљудувач – тука има блискост, имагинација, скоро семејна нежност кон еден рид.

„Маркукуле – живо” е изложба која од вас не бара многу – само да застанете и да гледате. А она со коешто ќе ве награди е наизглед обично, а всушност ретко: потсетување дека убавината не е некаде другаде. Таа го менува лицето секој ден, токму пред нашиот прозорец, а сега и пред вашите очи. (Драги Неделчевски, Тетово, мај 2026)

За уметницата:

Ивана Темелкоска (1989) е дипломиран филолог по руски јазик и книжевност, но веќе осум години професионално работи како графички дизајнер во агенција за дигитален маркетинг. Активно се занимава со визуелна уметност, а фотографијата е медиумот што во последните години доминира во нејзината работа. Со фотографија се занимава уште од детството, најпрво низ игра и љубопитност инспирирани од професијата и пасијата на нејзиниот татко. Со текот на времето, фотографијата за неа прераснува во начин на доживување на светот и обид барем за миг да се задржи она што постојано ни се лизга низ прсти. Низ објективот учи повнимателно да гледа, да биде присутна и да ја прифати минливоста како дел од убавината на животот. За неа, фотографијата е истовремено и чин на сведочење и пуштање на моментите да продолжат понатаму, со сознанието дека некаде сепак останале зачувани. Проектот „Маркукуле — живо“ започнува за време на пандемијата, во период кога погледот низ прозорецот беше еден од ретките допири со надворешниот свет и природата. Набљудувајќи го секојдневно истиот пејсаж, авторката ги бележи неговите постојани промени — светлината, атмосферата и особено облаците, кои се еден од главните визуелни мотиви во серијата.

Moмче од прилепско физички нападнато и избодено на Бит Пазар

-На 12.05.2026 во 03:00 часот во СВР Скопје, од Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје е пријавено дека кај нив со повреди дошол А.Н.(21) од прилепско. Според пријавеното, на 11.05.2026 околу 23:30 часот на подрачјето на Бит Пазар бил физички нападнат од машко лице, кој употребил остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираат од МВР.

Ова се идолите на идните средношколци, биолозите гимназијалци што ја покорија Македонија

Извонреден успех на прилепските гимназијалци на Државниот натпревар по биологија. Натпреварот се одржа на 09.05.2026 година, во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Со своето знаење посветеност и љубов кон науката, учениците достојно ја претставија прилепската гимназија “Мирче Ацев” и освоија врвни резултати во конкуренција со најдобрите млади биолози во државата.

Наградени ученици од прва година:

1.Мартин Ангелески- прва награда
2.Теодор Марковски-втора награда
3.Марко Кузевски-трета награда
4.Христина Николоска-пофалница
5.Сара Николоска-учество
6.Ена Беличанец-учество
7.Никола Атанасоски-учество
8.Елана Рулеска-учество
9.Анастасија Антовска-учество
Ментор проф.Даниела Талевска

Наградени ученици од втора година:
1.Ангела Петреска-прва награда
2.Михаела Богоеска -втора награда
3. Дијана Милошеска-втора награда
4.Галина Гешоска -трета награда
5.Филип Мазнејков-трета награда
6. Миа Синадиноска-трета награда
7.Мила Вршкоска-учество
8.Тамара Николоска-учество
Ментор проф. Петкана Цветкоска

Наградени ученици од трета година:

1.Ева Петреска- втора награда
2.Андреј Вршкоски- трета награда
3.Михаела Андриеска-пофалница
4.Горјан Ристески- учество
Ментор проф. Софија Крстеска

Наградени ученици од четврта година:

1.Антонио Велкоски- втора награда
2.Марија Митреска-втора награда
3.Сергеј Стевананџија-трета награда
4.Александар Велјаноски-пофалница
Ментор проф. Софија Крстеска

-Честитки до учениците за вложениот труд! Нивниот успех е резултат на долга и темелна подготовка, истрајна работа и желба за постојано напредување. Горди сме што нашето училиште повторно покажа дека знаењето, трудот и љубовта кон науката носат врвни резултати, велат од гимназијата “Мирче Ацев”

Прилепчанец заработи кривична пријава – При обид да го приведат, тој нападнал полицаец

-ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против С.Ќ.(28) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,спречување на службено лице при вршење на работи од безбедноста“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. При обид да го приведат во нас.„Тризла“ во Прилеп, пријавениот физички нападнал полициски службеник, кој извршувал службени дејствија, информираат од МВР.