дома блог страница 1158

Секој ден проблеми: Рамиз Мерко се најде на црната листа на САД за корупција

Стејт департментот на САД реши градоначалникот на Струга Рамиз Мерко да го прогласи за непожелна личност за влез во САД „поради неговата вмешаност во значителна корупција“.

Во писмената изјава на портпаролот на Стејт депратментот Метју Mилер се вели дека Мерко како градоначалник злоупотребил фондови и се мешал во судските и други јавни процеси.

Ваквото однесување на Мерко влијаело во намалување на довербата на населението во „демократските институции на Северна Македонија“.

Ова е отворена порака на САД до Македонија во правец на засилување и стабилност на демократските иnституции и владењење на правото. Со ова сакаме да ги потсетиме сите институции на нивната задача во борбата против корупцијата, се вели во изјавата.

Оваа забрана се однесува и на сопругата и трите деца на Мерко.

Нов одличен резултат на девојките од “New Generation”- Прилеп

Девојките од Денс-студиото “New Generation” повторно се враќаат со одличен резултат. Овој пат тоа се случи на ИДЦ Денс купот во Штип.

– Тргнавме во 7 часот наутро за да пристигниме точно навреме на натпреварот во Штип, но поради прекин во сообраќајот поради обилни врнежи од дожд заглавивме кај Градско. Благодарение на организаторот Ана Марија и сите колеги и судии кои ни дозволија да настапиме и покрај задоцнувањето. Кружевме низ цела Македонија преку Кичево и Скопје за да пристигниме за Штип точно во 17:00 часот, велат од клубот.

Секако, ова напорно патување се исплати, па на крај во Прилеп се вратија со 13 први места, две втори места, едно трето место и по едно четврто, шесто и осмо место.

Во конкуренција од вкупно 16 клубови и над 1.000 танчери “New Generation” ги освоија следните награди:

-Формација “SECURITY” – прво место;
– Формација  “Happy Girls” – прво место;
– Формација “Kids Dancers” – прво место;
– Формација “Urban Style junior” – второ место;
– Дуо Ивана Богојевска и Магдалена Еленоска во стрит-денс – прво место;
– Георгина Маркоска, Нина Димоска, Илина Ризоска, Магдалена Еленоска – прво место во Хип Хоп Денс;
– Михаела Јованоска, Деана Стојческа, Јана Николоска, Ивана Богојевска и Јована Смилевска- прво место во стрит-денс;
– Андреа Мицеска  – трето место јуниори Хип Хоп;
– Стефани Диковска – четврто место;
– Христина Силјаноска – шесто место;
– Тајла Кукуљац – осмо место.

Првиот прекрасен автомобил ќе се вози во Прилеп: Им паднале 500 денари, па ги замениле за дополнителни лозови, а сега ќе возат нов HYNDAI Tucson

Со голема радост Ве известуваме дека го имаме првиот добитник на автомобил HYUNDAI Tucson од најновиот инстант лоз 7 Х 7 кој Државна лотарија го пласираше неодамна. Среќата и се насмевна на Јована Стојановска од Прилеп – напишаа од Државната лотарија на Фејсбук.

-Денес, во просториите на Државна лотарија се запознавме со добитничката, ја потврдивме добивката, а возбудена и среќна ни ја раскажа нејзината приказна.

Имено, Јована повремено се забавува со инстант лотаријата на Државна лотарија, но секогаш верувала во среќата. При прошетка со нејзиниот брат, купиле два инстант лоза 7х7 од продажното место „Сити Тобако“ во Прилеп. На едниот лоз имале добивка од 500 денари кои решиле да ја заменат за нови инстант лозови. Во едниот од нив се криеле трите симболи на HYUNDAI Tucson кои означуваат една од 14-те главни премии кои ги нуди овој инстант лоз.

Упатуваме честитки кон среќната добитничка и Ве известуваме дека наскоро ќе ги доделиме клучевите од прекрасниот автомобил, а ќе имате можност да слушнете од Јована за патот од упорноста до главната премија.

Ве потсетуваме, како одговор на барањата на играчите, инстант лозот „7 х 7“ стана најнов член на семејството на инстант лотаријата на Државна лотарија. Лозот нуди вкупен фонд на добивки од близу 80 000 000 денари, вклучувајќи 14 премии од коишто: 7 возила HYUNDAI Tucson и 7 возила HYUNDAI Bayon, како и парични добивки од 80 денари до 50 000 денари – стои во објавата на Државна лотарија.

Македонија се обедини и успеа, парите за Кико се собрани

Кога институциите и државата затајуваат, народот се обединува. Така беше и во случајот со Кристијан Коцев-Кико од карбинското село Долни Балван за чие лекување се собираа парични средства преку донации. Парите се собрани за четири дена, а семејството започнува постапка за стопирање на телефонските броеви за донации.

-Во овој момент семејството на Кико ме замоли да објавам дека се стопираат броевите за донации, но сите настани и тоа што се организира во наредните неколку денови продолжуваат… Македонскиот народ се покажа уште еднаш како хуман и колку можеме да бидеме јаки кога сме сплотени. Фала ви од срце, објави на својот Фејсбук профил јутјуберот Стефан Лазаров кој му пружи голема поддршка на момчето.

Се појаснува дека ова е првична, неофицијална потврда, затоа што во тек се правните процедури за детални извештаи, со оглед на тоа дека донации се собираа преку неколку различни канали. Сепак, семејството на Кико започна процедура за стопирање на телефонските линии.

Младиот Кристијан има ретка дијагноза Атаксија-телеангиектазија. Откако му се влоши здравствена состојба беше сместен во приватна болница во Скопје. Последните информации се дека Кико е подобар, и се очекува дозвола од лекарите за тој да може да замина за Турција каде ќе го продолжи лекување за што беа потребни 50.000 евра.

Неколкуте настани и концертот кои веќе се закажани и нивната организација е во полн ек, нема да се одложуваат. Сите дополнителни средства ќе бидат наменети за рехабилитацискиот процес.

Учебната година ќе почне на 11 септември, а цел јуни ќе се учи: Владата и учениците на крстопат

Новата учебна 2023-2024 година би можела да започне на 11 септември и да заврши до крајот на јуни. Но, може да остане и вообичаениот датум 1 септември, а во текот на учебната година да има и краток пролетен распуст. Според министерот за образование, Јетон Шаќири, овие измени за кои владата треба да одлучи се прават, за да се зголеми продуктивноста на учениците и наставниците.

-На почетокот на септември имаме празник и имаме период во кој голем дел од учениците, од нашите податоци што ги имаме, ги користат летните одмори на почетокот на септември. Второ е дека одмор во пролетните месеци, според кажувањата на наставниците, придонесува во педагошката смисла за учениците и за наставниците. Сите можности се отворени, ќе видиме и ќе се договориме како ќе одлучиме – изјави Јетон Шаќири, министер за образование.

За ваквите предлози зелено светло даваат и од СОНК. Претседателот на синдикатот Јаким Неделков вели дека сепак се потребни издржливи аргументи за секој предлог. Но и самиот вели дека светот се менува и оди напред, а Македонија мора да ги следи позитивните промени.

Според Неделков, наставниците секогаш се принудени на летен одмор да одат во јули и август додека учениците немаат настава, а никогаш немале можност да летуваат во септември.

Тие немаат можност да летуваат со поевтини цени, а вака ќе заштитат 100-тини евра за користење на летен одмор – рече Неделков во вестите на „Телма“.

Домашни и надворешни сили се обидуваат да го запрат напредокот кон ЕУ, вели Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски одново посочи дека во Македонија и надвор од неа, има сили со ист извор, кои се обидуваат да го забават напредокот на државата кон ЕУ. Тој не посочи за кого станува збор, но рече дека нивната тактика е тоа да го прават преку лаги за македонскиот идентитет.

„Некои сили внатре во државата, но и надвор од државата, со ист извор, се обидуваат да го забават или запрат напредокот на нашата држава и европската иднина на нашите деца. Тоа го прават со лаги, злоупотреби за најчувствителната точка – македонскиот идентитет. Со тоа нанесуваат огромна штета, токму на нашите идентитетски определби“, додаде Ковачевски.

Се огласи и Пандев: Овие се најголемото зло во македонскиот фудбал! (ФОТО)

Великанот на македонскиот фудбал, калчо-иконата Горан Пандев не можеше да не реагира на историската бламажа на Македонија со поразот од 0-7 од Англија синоќа на „Олд Трафорд“, како кулминација на пропаста на националниот тим, кој пред само година ипол живееше мундијалски сон, а поред две лета играше на Европското првенство.

Тоа што Пандев уште во новогодишното интервју го посочи „дека претседателот Муамед Сејдини, спортскиот директор Данчо Масев и селекторот Благоја Милевски ја растурија македонската репрезентација“, сега Пандев ги посочи како – најголемо зло во македонскиот фудбал.

„Најголемото зло што некогаш постоело во македонскиот фудбал. Нека ни е на чест на сите“, напиша Пандев со коментар на сликата на која се посочените личности.

Пандев уште пред историскиот прв настап на Македонија на ЕП 2020 влезе во жестока војна со ФФМ и раководството, иницирано од обидот да се смени тогашниот селектор Игор Ангеловски, а потоа за поделбата на премиите за пласманот на континенталниот шампионат и самонаградувањето на фотелјашите.

400 ученици заминаа на летување со финансиска поддршка од општината (ФОТО)

Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски утрово ги испрати на летување 400 ученици од општинските основни училишта на територија на општина Гази Баба.

За настанот, градоначалникот Стефковски објави на својата официјална страна на фејсбук во која напиша:

-Утрово имав одлична можност да ги испратам и да им посакам среќен пат и убав престој во училишниот летен камп на 400 ученици од општинските основни училишта, кој се реализира со финансиска поддршка од општина Гази Баба преку субвенционирање на цената за учество на секој ученик.

Во рамките на кампот учениците ќе бидат дел од спортски, едукативен и забавен дел, а најважно од се е тоа што тие ќе можат меѓусебе да другаруваат.

Учениците во училишниот камп ќе бидат обучувани за основна пливачка техника, веслање кајак и SUP даска.
Овој проект, општина Гази Баба го реализира во соработка со општинскиот сојуз за училишен спорт Гази Баба.
Среќен сум што преку реализација на оваа мерка успеавме да ги направиме учениците среќни, а како една од целите која ќе ја постигнеме со поддршката на училишниот летен камп е и поголема социјализација помеѓу децата. Продолжуваме со реализација на мерки и проекти за најмладите жители на нашата Гази Баба
, напиша Стефковски.

Министерот што ја загина картичката со 78% повисока плата, утре иди во Прилеп

Љупчо Николовски, министерот за земјоделство, кој минатиот месец за медиумите истакна дека ги загинал картичките во Брисел, па не знаел колку пари му дошле на сметката по покачувањето на платата, утре ќе одржи средби со граѓани во урбаните заедници “Варош” и “Гоце Делчев” во Прилеп.

Ете одлична можност за малкуте прилепчани кои ги посетуваат овие “Рамо до рамо” трибини, да го прашаат министерот дали извал нови картички, и дали сега има увид колкава плата зел.

СДСМ веќе некое време одржува вакви средби со граѓани низ урбаните заедници во Прилеп, а често на истите присутни се високи функционери. Но, и покрај тоа, видливо е малото присуство на заинтересирани граѓани кои сакаат да слушнат што имаат да кажат од владеачката партија.

Големото иселување кое му се случува на Прилеп, намањето на ниту еден прилепчанец на висока позиција во Скопје, инертноста на партиското раководство во општинската организација и товарот од сомнежи за криминал кој истите го наследија од претходниците, си го прават своето.

Во прилог на СДСМ не одат ниту анкетите, меѓу кои и онаа најновата од американскиот Национален демократски институт од 06.06.2023год, која покажа големо водство на ВМРО-ДПМНЕ.

Богата музичка, спортска и културна програма: По седми пат во Крушево ќе се одржи адреналинскиот фестивал When in Krusevo

Единствениот планински град во Македонија, Крушево, седма година по ред ќе го надополни летното уживање со фестивал кој  на едно место обединува музика, спорт и култура!

Дружењето и градењето летни спомени во Крушево оваа година ќе трае од 30 Јуни до 02 Јули. Ветуваме позитивна атмосфера, адреналин, одлична забава и многу љубов!

Целта на фестивалот е промовирање на крушевскиот живопис полн со природни убавини и спортски атракции, будење на адреналинот и желбата за дружење, но и промоција на уметноста, историјата, живите традиции на градот и гостопримството кои и тоа како создаваат чувство на топлина.

Фестивалот започнува во предвечерието на 24 Јуни, со пријавување и подигање на пакет со маичка и производи од спонзорите. Официјалното отворање започнува истиот ден со забава на отворено со најпознатиот бунтовник од македонската музичка сцена ДАНИ ДИМИТРОВСКА и својот бенд, додека наредните денови музичката програма на отворено ќе ја надополнат FUNK SHUI, SHORTY P, DJ PATSIS, DJ Bapchu, ESTEPHANO, Totsilly. Целосната програма може да се погледне на веб страната www.wheninkrusevo.com.mk.

Имајќи во предвид дека Крушево го има еден од најдобрите светски параглајдинг терени и е топ светска дестинација за овој вид на адреналински и активен туризам, во нашиот фестивал го вклучивме и атрактивното тандем параглајдинг летање од Мечкин Камен.

Меѓу другите адреналински спортови кои ќе ги понуди фестивалот се и искачување на вештачка карпа, јавање на коњи, кајак и SUP. За љубителите на планинскиот велосипедизам има тура од 20 километри и планинска велосипедска трка, додека за истражувачите на планинските убавини планинарска тура од 10 километри. Оваа година за обожавателите на трките, во рамките на фестивалот ќе се одржи улична трка од 5 километри, како и trail трка, а за гурманите се спрема саем за храна и пијалаци.

Бидејќи овој фестивал е од отворен карактер и нема возрасна граница, но има љубов и интересни содржини за секој посетител, истиот претставува силен магнет како за професионалните спортисти и љубителите на адреналински спортови така за уживателите на забави. Но, со се она што го нуди може да го oкарактеризираме и како фамилијарен фестивал. Затоа не ги заборавивме и најмладите и за нив подготвивме детско катче на Крушевското езеро со денска забава, јога, детска трка и многу детски игри.

Затоа што заинтересираноста е голема, како и секоја година обезбедуваме камп зона на Крушевското езеро со сите потребни услови, додека оние кои ќе се одлучат за приватните и хотелските сместувачки капацитети, истите може да ги погледнат нашите соработници на веб страната www.wheninkrusevo.mk.

Со секоја купена карта се добива попуст до 50% на спортските активности, воедно се обезбедени влезници за Спомен куќата на Тоше Проески, Македониумот како и Галеријата Никола Мартиновски.

Картата за ова тридневно авантуристичко дружење во Крушево е 500 денари и истата може да ја купите на продажната мрежа на MK Tickets.

Сите подетални информации можете да ги следите на Facebook страната на фестивалот.