Aрмијата пред прилепчани: Граѓаните одблизу се запознаа со воената опрема и вештините на специјалците

Во рамки на празничната програма по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, Армијата и денеска продолжи со активностите за одбележување на празникот, организирајќи тактичко-технички збор во Прилеп. На настанот присуствуваа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на 1. пешадиска бригада и бригаден генерал Дејан Чиплаковски.

Граѓаните имаа можност одблизу да се запознаат со дел од вооружувањето и воената опрема со која располага Армијата. Голем интерес предизвикаа и показните вежби за боречки вештини, кои ги изведоа припадниците на Баталјонот на специјални сили.

Празничната програма започна во пресрет на празникот, кога припадниците на Армијата традиционално реализираа демонстрација на импровизиран напад на „Участокот“.

Организирањето вакви настани по повод државните празници има за цел да ја доближи воената професија до граѓаните, да ја промовира Армијата и нејзините способности, како и дополнително да ја зајакне цивилно-воената соработка.

Со реализираните активности, Армијата уште еднаш оддаде почит на овој значаен историски датум, кој останува траен потсетник дека слободата, мирот и безбедноста се темелни вредности што се чуваат и унапредуваат со единство, одговорност и континуирана посветеност.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.