15 години од отворањето на Спомен куќата на Тоше Проески – симбол на љубовта и хуманоста.
Во Крушево одбележана 15-годишнината од отворањето на Спомен куќата на Тоше Проески – едно од најзначајните места кое го чува споменот за неговиот лик и дело.
На одбележувањето присуствуваше и градоначалникот Нико Чонески, кој истакна дека Спомен куќата претставува симбол на големото срце, хуманоста и безвременската музика на Тоше.
„Тоше е спомен и дел од нашиот идентитет и гордост на Крушево и Македонија. Неговото дело продолжува да инспирира генерации и да не обединува во љубовта, добрината и човечноста“, порача Чонески.
Тој нагласи дека локалната самоуправа останува посветена на негувањето на наследството на Тоше Проески, како и на развојот на Крушево како достојно место кое го чува споменот за една од најголемите музички ѕвезди на Балканот.
Спомен куќата на Тоше Проески, сместена на Гумење, веќе 15 години привлекува илјадници посетители од земјата и странство, кои доаѓаат да му оддадат почит на легендарниот пејач чија музика и хуманост оставија неизбришлива трага.






























