15 години постоење, раст и успеси, 15 години бренд на Прилеп – Танцовото студио NEW GENERATION слави голем јубилеј

Танцовото студио New Generation од Прилеп, месецов одбележува 15 години постоење, раст и успеси на домашната и меѓународната денс сцена. Роденденската прослава е најавена за септември или октомври, кога студиото ќе организира спектакуларен концерт, кој поради бројни обврски и натпревари беше одложен за подоцна во годината.

Од своите почетоци на локални смотри, „New Generation Prilep“ прерасна во еден од најпрепознатливите танцови колективи, со значајни резултати на Балканот, во Европа и на светско ниво. Во текот на изминатите 15 години, членовите на студиото се закитија со бројни титули – државни и балкански шампиони, како и учесници на европски и три светски првенства.

Меѓу најголемите успеси се издвојува првото место во формација на натпревар во Белград, каде беа прогласени и за најдобра група, како и освоените титули државни прваци во 2017 и 2019 година. Значаен резултат е и третото место на светско првенство во стрит денс во Будимпешта, додека на последното светско првенство во Полска, младата танчерка Ивана Богојевска освои високо шесто место во силна меѓународна конкуренција.

Дополнителна потврда за квалитетот на студиото е и ангажманот на нивниот тренер и лиценциран судија Оливер Богојевски, кој на Светското првенство во Полска, организирано од International Dance Federation, беше прогласен за еден од најдобрите судии во светот. Како признание за неговата работа, оваа година тој ќе суди на светското првенство во Шпанија, кое ќе се одржи од 27 до 31 мај, во повеќе категории, меѓу кои хип-хоп и стрит денс.

Овој успех претставува голема чест не само за студиото, туку и за Прилеп и за Македонија, и е силен сигнал дека е потребна поголема поддршка за младите таленти – како од локалната самоуправа, така и од државните институции и приватниот сектор. Пример за тоа е Литванија, која со организирана поддршка испраќа стотици танчери на светските натпревари.

Со јасна визија, посветеност и континуирани успеси, „New Generation Prilep“ останува горд претставник на македонската денс сцена и дел од светската танцова елита.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.