Американската компанија Гентерм, денеска одбележа 10 години постоење на нивната фабрика во ТИРЗ Прилеп.
Една деценија во која компанијата прерасна во еден од позначајните работодавачи во градот, со нови инвестиции, производствени капацитети, работни места и најави за понатамошно проширување.
Од институциите денеска слушнавме пораки за значењето на континуитетот, инвестициите, извозот, работните места и развојот на компанијата. И неспорно е дека присуството на една голема меѓународна компанија има економско значење за еден град како Прилеп.
Но, десетгодишниот јубилеј отвора и едно друго прашање.
Колку Гентерм во овие 10 години му вратил на градот во кој работи?
Не само преку платите на вработените и економската активност, туку и преку она што се нарекува општествена одговорност.
Колку и дали доволно средства, опрема, донации или спонзорства се вложени во прилепскиот спорт?
Колку и дали доволно компанијата вложи во културата и во настаните кои се дел од идентитетот на градот?
Колку во здравството, каде што секоја помош за јавните здравствени установи може директно да значи подобри услови за граѓаните?
Колку во образованието, училиштата, детските градинки, младите и нивните иницијативи?
На компанијата и’ честитаме за 10-годишниот јубилеј и посакуваме и понатаму да ги шири своите производствени капацитети и да обезбеди што повисоки плати, за што подостоинствен живот на нивните вработени.
А вас, нашите читатели, ве прашуваме: Дали Гентерм му помогна доволно на Прилеп, и што можеме да очекуваме од компанијата во следните 10 години?



























