“1.500.000 евра одделуваме за лубриканти, а мизерни 5.000 евра за фестивалот “Пеце Атанасоски”?

Со дефиле низ центарот на Прилеп и настапи на учесниците на Камената бина во центарот на Прилеп, на плоштадот „Александрија“ во петокот започна 45-тото јубилејно издание на фестивалот за народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“.

Вчера фестивалот продолжи на Рудина кај Долнени, а на истата локација програма ќе има и денеска. Годинава на оваа манифестација учествуваат околу 300 учесници.

Но, иако ова е еден од нашите најголеми брендови чија цел е зачувување на македонскиот мелос, фолклор и традиција, речиси до пред 1 месец не се знаеше дали воопшто фестивалот ќе се одржи, бидејќи Министерството за култура немаше одделено средства.

„Имавме големи проблеми од Министерството за култура, морам тоа да го кажам, бидејќи финансиските средства ни се намалија за разлика од лани, а уште ги немаме добиено и тие кои ни се ветија за оваа година. Поради тоа јас сакам да се заблагодарам до локалните самоуправи на Прилеп и Долнени кои ни излегоа во пресрет и оваа година дадоа и повеќе пари од лани, за да можеме да почнеме прелиминарно со организација на фестивалот. Тука е и печатењето на зборникот“, истакна Златко Лашкоски, секретар на фестивалот.

Годинава фестивалот од државата добил само 300.000 денари што е премалку за негов раст и развој. Организаторите велат дека со овие средства фестивалот само може на некој начин да се одржува, но никако и да напредува и развива.

Овој Фестивал е единствен од ваков вид кој повеќе од четири децении ги остварува основните цели – зачувување и негување, како и пренесување на новите генерации на богатото, вековно, национално изворно творештво.

До година властите треба добро да размислат. Вреди ли да се потрошат државни пари за 20.000 шишиња со лубриканти, или повеќе вреди духовното и традиционалното, она што треба да се пренесе на идните генерации, она што не прави различни и единствени помеѓу народите во светот.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.