(Фото галерија) Дyxoвниот paј во Зрзе – бесконечна убавина која ја xpaни душата и дава спокој

И 100 пати да се пишува за ова светилиште е премалку. Секој епитет не е доволен да ја опише духовната енергија и убавина која се чувствува само тука. Манастирот Св. Преображение во близина на селото Зрзе е гордост на Пелагонија и едно од најубавите духовни места во Македонија.

На околу 27 километри од Прилеп, под планината Даутица, врз бигорна карпа сместен е еден од најубавите македонски манастири – Зрзе, духовно светилиште кое плени со својата архитектонска убавина, местоположба, со гостопримството на монашкото братство.

Патот до манастирот води низ повеќе села во долненска општина. Се минуваат Ропотово, Пешталевo, се стигнува до с. Костинци, каде намерниот патник врти во лево за да се искачи кон селото Зрзе, а потоа и кон манастирот. Природата овие есенски денови е живописна.

Се менуваат боите. Некаде зелено се уште, некаде жолто. Пред патникот се откриваат нови видици. Полека искачувајќи се. се стигнува до с. Зрзе, место – нем сведок за едно време.

Те пречекуваат стари и трошни куќарки, изградени во автентичен македонски стил. Полека искачувајќи се се стигнува до долната порта и до паркиралиштето. Потоа пешки.

Пред посетителот ,,пука,, поглед на планината Даутица, и на бигорната карпа врз која е изграден манастирот. Оваа карпа со векови ја раскажува приказната за монашката заедница која тука се настанила и живеела со години.

Се искачуваш. Сега е лесно, откако е изграден патот. Без никаков проблем се стигнува до манастирот.

Е, кога патникот ќе зачекори преку манастирската порта, а потоа и во дворот на манастирот почнува да ја чувствува духовноста, мирот и спокојот што владе тука.

Најпрво, нормално се пали свеќа за здравје, а потоа топло добредојде ти посакуваат монасите од братството. Тие се добри домаќини и раскажуваат за храмот посветен на Св. Преображение.

Црквата Св. Преображение е градена во неколку фази.Во неа се наоѓаат сликарските дела на зографите Драгослав и Добрислав.

Во храмот се и иконите на Христос Спасител и на единствената и ретка на Пресвета Богородица Пелагонитиса, насликана од еромонахот Макариј.

Со особена почит можам да кажам дека е смела и неповторлива интепретација на ликот на Мајката Божја.

Секој сака да фотографира, да има спомен од посетата. Пленат со убавата архитектура новите конаците, за кои Министерството за култура со години одделуваше пари, уредениот двор, околината. Монашкото братство многу добро се грижи за уредувањето на манастирот.

Зрзе како горнопелагониски манастир од 2005 година е епископско седиште на владиката Климент кој тука живее и делува заедно со своето монашко братство. Главно монашко послушание на зрзеските монаси е иконописот.

Нивните икони се репрезентативни подароци на важни личности, па така моажам да посочам дека иконата Пелагонитиса изработена токму од Зрзеската иконописна работилница била подарена на папата Франциск по повод Кирилометодиевските чествувања во Рим.

Од манастирот се пружа величенствениот поглед на цела Пелагонија. Цел регион ти е на дланка.

Пред тебе е непрегледно пространство, бескрајно, вечно. Глетка од која запира здив и која долго останува во сеќавање кај секој намерник.

Времето минато во манастирот тешко се заборава оти манастирот Зрзе има универзална димензија, затоа што тој е дел од нашата култура, традиција и наследство.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.