Среќен именден Никола, Николина, Нина, Коле

Многу македонски семејства за свој домашен заштитник го имаат Св. Никола и неговиот ден го празнуваат со многу свечености.

sv-nikola-1

Во народното паметење овој лик останал како заштитник на патниците, посебно на оние што патуваат по вода, но и по тоа што како за време на животот така и по смртта ги помагал сиромасите, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода.

Именден празнуваат: Никола, Нино, Николина, Коле, Кула, Нина…

Свети Никола се родил во Патара, во малоазиската област Ликија, во третиот век. Уште од малечок се одликувал со посебна чистота на душата и предаденост на Бога.

Подоцна, во зрелата возраст, посакал да стане монах, но Бог самиот, во едно видение, го упатил да се врати во светот и така да им служи на луѓето. На чудесен начин бил избран за архиепископ на главниот град на Ликија, Мира.

За време на гонењето на Христијаните при владеењето на Диоклецијан, бил ставен во затвор. Подоцна учествувал на Првиот вселенски собор, во 325 година.

Блажено се упокоил во 342 година, во длабока старост. Бил најблаг пастир, голем чудотворец и помошник во секакви неволји. Неговите нетлени мошти биле пренесени од Мира во Бари во единаесеттиот век. Таму се наоѓаат до денес.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.