Специјалци вoopyжани до заби од хеликоптep се спуштија во Охридското Езеро (Фото)

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска (15.09.2021) во Охрид имаше обраќање на „Симулациската вежба за размена на информации во реално време“ организирана со координација на Министерството за внатрешни работи и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Тој пред учесниците од земјите од Западен Балкан, амбасадорот на мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која, високите претставници на делегацијата на МВР на Република Чешка и претставници на проектот ИПА 2019 за борба против сериозниот криминал во Западен Балкан истакна дека оваа симулациска вежба е исклучително успешна и корисна.

„Предизвиците со кои се соочуваат државите од регионот и пошироко во насока на сузбивање на транснационалниот организиран криминал, од година во година стануваат се покомплексни и налагаат продлабочување на меѓународната полициска соработка во делот на сузбивање на меѓународните организирани криминални групи инволвирани во различни видови криминал.Во овој контекст и Република Северна Македонија заедно со земјите од регионот, ја препознава важноста од интензивна полициска соработка и ефикасна и ефективна размена на информации. Зајакнувањето на овој вид соработка, претставува приоритет врз основа на кој се надградува безбедносната и политичката стабилност на државите во Европа. Имајќи го ова предвид, Министерството за внатрешни работи беше иницијатор за спроведување на оваа вежба како еден дополнителен напор за потврдување на добрите пракси и евентуално, утврдување на областите во размената на информации каде што постои простор за подобрување“, истакна министерот Спасовски.

Министерот Спасовски потенцираше дека на регионален и меѓународен план, МВР изминатите години активно учествуваше во размената на информации и спроведување на меѓународни истраги за организиран криминал и сузбивање на организирани криминални групи од меѓународни размери, како по сопствени иницијативи, така и со партиципирање во иницијативи на други држави, при што оствари интензивна соработка не само со земјите од регионот, туку и со земјите од ЕУ.

„Како домаќин на овој настан, Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија исполнува дел од задачите утврдени во рамки на Управната група за преземени обврски од областа на безбедност формирана како дел од Берлинскиот процес, со која годинава заеднички претседаваме со Обединетото Кралство“, рече Спасовски.

Тој изрази очекување дека извештајот што ќе го изготват претставниците на регионалниот проект за борба против организиран криминал ИПА2019 ќе укаже на евентуалните недостатоци и ќе даде препораки за нивно надминување, но исто така ќе ги потенцира и добрите пракси и искуства кои што ги користат земјите од нашиот регион. На крајот министерот Спасовски уште еднаш изрази голема благодарност до Мисијата на ОБСЕ за нивната перманентна поддршка и партнерство со МВР.

Во склоп на „Симулациската вежба за размена на информации во реално време“, присутните ја проследија и симулираната полициска операција на Специјалната антитерористичка единица – Тигар и Хеликоптерската единица, која ја заокружи вежбата и ги ефектураше резултатите од неа, а во која полициските службеници се справуваат со терористи кои напаѓаат објект на критична инфраструктура употребувајќи нелегално оружје.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.