СЕЌАВАЊЕ: 22 години од заминувањето на Петранка Костадинова

Денеска се одбележуваат 20 години од загинувањето на македонската пејачка на народни песни, Петранка Костадинова.

На 3 февруари 2002 година, таа загина во сообраќајна несреќа во центарот на Скопје. Пред несреќата, била во МРТВ за да ја направи студиската снимка на песната што требало да ја изведува на престојниот фестивал “ГОЦЕ ФЕСТ”. Таа е воедно и нејзината последна снимена песна.

Појавата на Петранка Костадинова, во македонската народна песна, беше онаа врзивна нишка, што го дава континуитетот на фолклорното творештво со новосоздадената музика. Всушност, нејзината појава е врзана со почетоците на авторизација на песните пишувани во духот на народната староградска песна. За првпат таа ги има испеано песните на Наско Џорлев, “Не кажувај либе добра ноќ” и “Во Струмица на улица”.

Оттогаш, Петранка Костадинова во својот репертоар ги има испеано речиси сите македонски народни бисер- песни, но како и секој вреден изведувач, има барем една песна што се врзува за неговата интерпретација. Нејзина песна беше “Кирјана”.

Во својата триесетгодишна кариера, Петранка учествуваше на речиси сите фестивали за новосоздадена песна, што се создаваа во Македонија, од кои ќе останат запаметени песните: “Леонид со мајка вечера” од првото “Валандово”, “Мајсторе, мајсторе”, “Две калинки”, “Слушни ја сестро песната”, “Мајка”, дуетот со Ѓоко Дончев- “Името не го даваме”, хумористичната песна испеана со Ленче Кукиќ- “Една куќа, две жени”…

Речиси сиот свој живот Петранка Костадинова била слободен уметник, иако својот живот го заврши како членка на Ансамблот за народни песни и игри „Танец“.

Незаборавни остануваат нејзините интерпретации на песните „Не кажувај либе добра ноќ“, „Кирјана“, „Во Струмица на улица“, „Мајка“, „Мајсторе, мајсторе“, „Земи си златни ѓердани“ и многу други.

Родена била во Сомбор, во 1948 година




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.