Свежина во Rock’n Roll музиката, интервју со музичката група HIGH START

11225070_745822915523306_5074573111187263996_n

Тие се новата свежина во  Rock’n Roll звуците. Тие се квалитет кој постојано расте и се докажува. “Со висок старт”, како што гласи и името на бендот, ја краваат публиката на нозе и оставаат впечаток на високи професионалци. Денес ги имаме за наши гости и ќе прочитате за нивните планови и досегашни достигнувања.

Здраво дечки добредојдовте на маркукуле.мк. За почеток запознајте ги нашите читатели со составот на бендот и улогите кои ги имаат.

Здраво и од нас. Поздрав до целиот тим на Маркукуле.мк, поздрав и до вашите читатели и ви благодариме на вашата покана за ова интервју.
Задоволство ни е да споделиме неколку информации за нас и за тоа што се случува со High Start овој период.
High Start e rock’n roll бенд кој брои пет членови:
Петар Киселоски – Вокал
Христијан Ристески – Гитара
Филип Јездиќ – Тапани
Александар Шилоски – Бас гитара
Дејан Трајкоски – Клавијатура

Како започнавте да функционирате како бенд, како настана спојот и колку време функционирате заедно?

Во почетокот овој бенд постоеше и функционираше под друго име “Unique” каде што и репертоарот беше различен од она што денес го преферираме и презентираме. Тоа беше резултат на тоа што секој од нас во тоа време се појави со различен пристап кон музиката, различни музички стилови и пред се различни карактери. Во меѓувреме созревањето на нашите карактери индивидуално и истражувањето во различни стилови на музика резултираше со неколку промени на членовите во бендот, за како конечен резултат на сето тоа да го добиеме High Start, бенд кој постои веќе две години и кој како што кажавме погоре преферира и изведува Rock’n Roll музика.

12802831_778812622224335_5971117553723047684_n

Самото име на бендот во превод кажува дека имате висок старт. Со што ги започнувате вашите настапи, дали се тоа секогаш високи звуци кои од старт ќе ја размрдаат публиката?

Хахаха… Името некако се поврзува со стартот на нашите настапи. Секогаш почнуваме со познати и енергични песни на што публиката одлично реагира и нормално таа атмосфера ја држиме до самиот крај. Си се држиме до нашето име… хахаха

High start е одличен спој на врвни млади музичари, со полни настапи, гласна поддршка. Што е клучот на ваквиот фидбек кој го уживате моментално на сите ваши настапи?

Желбата за да се настапува на што повеќе места, представувањето пред што поголема публика, како и енергијата која несебично им ја пренесуваме на самите настапи е повеќе од доволна за да слушателите го почувствуваат тоа и ни возвратат во уште поголема мера. Тоа ни се случува на секоја свирка, многу сме среќни поради тоа и така стекнуваме се повеќе и повеќе фанови.

12314055_745064008932530_627362207553902951_n

Кој е задолжен за листата на песни кои ги изведувате?

Секој има слобода и право да даде предлог песни кои би ги изведувале понатаму и генерално лесно се сложуваме со оглед на тоа што сите имаме сличен вкус, сепак дали таа песна ќе се изведува зависи и од тоа како ќе помине на пробите кои ги правиме и без кои нормално еден бенд не би можел да опстои. Пробите се составен и многу битен дел од оваа професија.

Имавте една одлична компилација на преработки на песни неодамна, како помина сето тоа и дали планирате слични проекти во блиска иднина?

Да. На почетокот на оваа година објавивме преработки на четири познати и нам драги песни кои можете да ги најдете на You Tube како “High Start live session”.
Проектот се случи спонтано и помина одлично, интересно беше што многу наши фанови го прифатија и споделија. Имавме поддршка и од неколку портали меѓу кои и Вашиот Маркукуле.мк.
Како специјален гостин го имавме Илија Јанчулески кој свири саксофон и кларинет, додека видеото го реализираше веќе докажаниот Христијан Конески.
Околу аудиото се погрижи Александар Шилоски т.с. нашиот басист.

Каде најчесто настапувате, имате ли омилена публика, омилен локал?

Настапуваме во повеќе локали во и надвор од нашиот град. Штип, Струмица, Крушево, Виница, Гевгелија, се дел од градовите во кои настапуваме, во овој период интензивно и успешно се работи на тоа да се покрие со настапи буквално цела Македонија, а се планира и една мала турнеjа надвор од Македонија, за која ќе дознаете наскоро.
Нам ни е многу драго што буквално секаде сме пречекани одлично и поминуваме фантастично, секогаш со позитивни коментари, многу позитивна енергија и едноставно не можеме да оддвоиме посебно место или публика. Секој град и секој локал поединечно ги заслужува сите позитивни критики.

Верувате ли во заедничка долга иднина, планирате ли свои дела, свои авторски песни?

Како состав кој постои со иста цел и визија и кој работи со многу љубов, цврсто веруваме дека имаме се што ни е потребно, затоа и сме сигурни дека заедно ќе функционираме уште многу долго време. Извесен период интензивно работиме на нашата прва авторска песна која треба да излезе на крајот на пролетта, а во меѓувреме работиме на уште неколку песни, се со една заедничка цел, да правиме квалитетна рок музика.

Во каква музика може да се ужива на вашите настапи?

На нашите настапи можете да уживате во квалитетна рок музика од многу светски познати изведувачи како на пример: Deep Purple, Jimi Hendrix, The Doors, Pink Floyd, Pearl Jam, Red hot chili peppers, System of a down, Metallica и многу други… Tука би ги додале и EKV и Архангел како нешто светско, а наше.

Имате ли веќе понуди за соработка, како одат контактите со музичките куќи и музичките работници?

До сега се што сме постигнале заслужни сме самите ние. Самите си ја правиме нашата музика, самите сме и продуценти на истата и самите ние сме менаџери на нашиот бенд. Се сами хаха. Само така еден бенд би испливал на површина и би опстоил долг период на сцената. Единствена соработка за сега имаме направено со Весна Малинова, која се појавува како текстописец на нашата песна. Не сме имале соработка со музичките куќи со оглед на тоа што сме и релативно млад бенд и многу е рано да зборуваме за такви соработки, се уште не сме извадиле наш материјал. Но во иднина доколку им се допадне нашата музика зошто и да не.

За крај, ќе не биде ли како држава имајќи во во предвид вкусот на музика кој го имаме како младина?

Сметаме дека музичката култура и вкус на младината во една држава покажува доста за развојот на истата, оттука би забележале дека и покрај цела комерцијализација на музиката изминативе години не само кај нас, туку и во светски рамки, сепак има задоволителен процент на млади луѓе кои многу добро знаат што одбираат, се стремат кон квалитет и знаат да го препознаат и да го оддвојат истиот од останатото, што безсрамно и упорно им се пласира.
Со оглед на сево ова ние веруваме дека ќе не биде . Секоја промена, секој напредок е тежок и знае долго да трае, но нашата младина е повеќе од доволно паметна за да го избере она вистинското, она квалитетното, во кое се вложува многу труд и љубов.

Ви благодариме на одвоеното време да бидете наши гости, ви посакуваме големи успеси и подем како бенд.

Ви благодариме на поканата, ни беше задоволство што бевме ваши гости.

Подготви:

Александар Георгиоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.