Прилепчани го одбележаа денешниот празник Св. Наум Охридски: Годинава домаќин поранешниот, а догодина актуелниот градоначалник (Фото)

Денеска се празнува Св. Наум Охридски, монах и презвитер. Свети Наум му беше најблизок соработник на божествениот Климент, а и на светите браќа Кирил и Методиј. Тој е еден од основоположниците на словенската писменост и просвета.

Со последниве тој беше заедно во нивната мисија во Моравија. Потоа некое време престојуваше во престолнината на Бугарија, Плиска, а најпосле дојде да биде учител во охридско, во времето кога Климент стана епископ. Потоа тој основа манастир на Охридско езеро, денешниот Свети Наум, каде ги помина последните 10 години од животот

Тој до денес не престанува да чудотвори. Посебно е познат како исцелител на душевно болни. Затоа кај нас особено лекарите-психијатри го имаат за свој заштитник.

Прилепчани празникот традиционално го одбележаа пред храмот посветен на Св. Наум кај “Паркот на револуцијата”.

Во Прилеп за прв пат се изгради православен храм во чест на овој светител и посветен на него. Камен темелникот за изградба на овој велелепен храм беше поставен во 2012 година и тој е еден од 4-те храмови во Прилеп кои се изградија за само неколку години, а останатите се: “Св. Петка” во населба Точила, “Св. Пантелејмон” во кругот на општата болница и “Св. Константин и Елена” во типската населба.

Денес, во присуство на голем број верници се чествува овој светител и со Света Божествена Литургија и молитва за здравје се одбележува овој голем празник!

Меѓу домаќините беше и поранешниот градоначалник на општина Прилеп, Марјан Ристески, а за догодина меѓу пријавените домаќин ќе биде и актуелниот градоначалник Борче Јовчески.

За многу години!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.