“Прилепска иронија, до вчера им личеше на вашар и турбо фолк бламажа, денес “Пивoфест” им служел за културна промоција?!”

Aко до ланската година дел од коментарите од сегашните претставници на локалната власт за најголемиот фестивалски настан во Македонија гласеа: “вашар”, “турбо фолк бламажа”, “мизерија”, “шлајм” …., денеска го претставуваат како културен настан и како најголем фестивалски настан од балкански размери.

„Сакаме, можеме и знаеме тоа да го направиме. Оваа година склучивме Меморандум за соработка со агенцијата ‘Ентфинити’, која што ќе ја преземе организацијата на годинешниот фестивал на пивото. Како Општина, ние ќе бидеме нивна логистика и поддржувачи, затоа што освен како културна манифестација, Прилеп ќе биде туристичка дестинација тие четири денови, сите патишта во Република Македонија ќе водат кон Прилеп. За оваа манифестација, Советот на Општина Прилеп од општинскиот буџет оддвои 2.5 милиона денари”, посочи меѓудругото градоначалникот Илија Јованоски.

Општина Прилеп и организаторите вчера ја претставија програмата за годинешното 16-то издание на фестивалот на скарата и пивото во Прилеп, “ПИВОФЕСТ 2018”.

Големото финале на фестивалот оваа година ќе му припадне на Шабан Шаулиќ на последниот фестивалски ден, а на сцената ќе настапат и Жељко Јоксимовиќ, Џенан Лончаревиќ и Милица Тодоровиќ.

Ништо поразлично од тоа што беше, дури коментарите на социјалните мрежи гласат дека оваа година организаторите го достигнаа врвот со Шабан.

Сегашните општинари ги има фатено сериозна амнезија како за се останато, така и за фестивалот. По се изгледа заборавиле на се она што кажале и што мислење имале претходно кога фотељите им беа далечни.

За споменување е и тоа што целата организација останува иста. Нема новитети како што се ветуваше, а фестивалот одново ќе се одржи во централното градско подрачје, нешто што беше особено критикувано.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.