Признанието „Најдобар млад научник“ за 2016 година, Претседателот Иванов му го додели на прилепчанецот Христијан Ѓорески

Претседателот Иванов вчера го додели признанието „Најдобар млад научник“ за 2016 година, на Христијан Ѓорески, за неговата истражувачка дејност на полето на вештачката интелигеција.

18301715_10154635965686158_2574098514343860178_n

Ѓорески, роден во 1987 година во Прилеп, дипломирал во 2010 година на Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии на Универзитет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, магистрирал во 2011 година на Институтот „Јожеф Стефан“ во Република Словенија, а докторирал на истиот институт во 2015 година. Моментално работи како пост-докторски истражувач на Универзитетот во Сасекс во Обединетото Кралство.

Неговата работа опфаќа развивање на алгоритми за обработка на сензорски податоци за градење на интелигентни системи кои што наоѓаат примена во спортот, здравството, грижа на стари лица, и слично. Дел од неговите истражувачки области се: автоматско препознавање на човечки активности, автоматско препознавање на стрес, детекција на паѓање, оценување на потрошената енергија во секојдневните активности.

Ѓорески е носител на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, коавтор на меѓународна апликација за патент во Обединетото Кралство, коавтор на 2 патенти во Република Словенија, коавтор на 11 научни трудови во меѓународни рецензирани списанија, од кои 7 во списанија со фактор на влијание, и е коавтор на 40 научни трудови презентирани на меѓународни конференции.

18199490_10154635966631158_3920182919606783350_n

„Особено сум импресиониран што интересот кон оваа област го води нашиот најдобар млад научник во изнаоѓање решенија кои би се користеле во здравството и спортот. Токму оваа хумана димензија во научната работа на д-р Христијан Ѓорески треба да ни биде и потсетник дека се што правиме треба да биде за и во полза на човекот. Без разлика дали се занимаваме со научна или општествена работа да не заборавиме дека сето тоа е во служба на човекот, на неговиот подобар и подостоинствен живот. А за развојот и напредокот што го имаме како човечка цивилизација пред се и должиме на науката. Постојано жедни за нови знаења и трагајќи кон новото и подоброто научниците секојдневно ги подобруваат нашите животи. Да бидеме благодарни за се што имаат постигнато и да се гордееме што и македонските научници се дел од светската научна мисла“, рече претседателот Иванов.

18301831_10154635966281158_7083035013726282620_n

„Би сакал да изразам голема благодарност за ова признание, кое што ми причинува огромно задоволство и претставува мотивација за моите следни предизвици. Манифестации како оваа се од огромно значење за младите и претставуваат мотивација и поттик за нивно вклучување во научно-истражувачката дејност. Затоа, силно ги поддржувам и ги охрабрувам ваквите иницијативи, кои што ја поттикнуваат и негуваат научната дејност кај младите“, изјави Ѓорески по доделувањето на признанието.

18301008_10154635966686158_8122404323951333196_n




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.