“Пред две илјади лета Бог стана еден од нас, тој зеде онолку лица колку што има луѓе на Земјата”

БОГОМЛАДЕНЕЦ СО БЕЗБРОЈ ЛИЦА

Сакани другари, роднини, пријатели, браќа и сестри во Христа, верни Македонци и мои прилепчани, каде и да сте, ЧЕСТИТ БОЖИК!

Библиската историја сведочи дека луѓето постојано копнееле да го видат Бога и во таа смисла кон небото упатувале силни молитви за Бог да им го покаже своето лице. Луѓето чувствувале дека Бог има срце, но сакале да го видат и Неговото лице.

Бог одговорил на овие повици изненадувајќи го човекот така што го зел неговото лице. Пред повеќе од две илјади лета, во својата љубов, Бог дојде, овоплотувајќи се и не’ пресретна со НАШЕТО лице!

Земајќи го нашето лице, Бог стана еден од нас, стана наш брат, сестра, стана нашиот ближен! Тој зеде онолку лица, колку што има луѓе на земјата. Од тој момент, ние сме должни да го бараме Бога во лицата на луѓето околу нас, во лицата на нашите ближни и да го прифатиме, да му служиме и да го љубиме Бога во лицето на нашите браќа и сестри.

Се разбира, овој Бог може да биде болен, напатен, гол, бос, гладен, прогонет, во зандана односно да му биде потребна нашата делотворна љубов! Затоа вели: „Вистина ви велам: доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за мене сте го направиле (Мт. 25.40).“

Затоа, Божик не е само повик за радост ами и повик кон нас да бидеме внимателни на присуството на Бога што доаѓа кај нас во лицето на нашиот ближен, односно повик за пружање љубов кон луѓето околу нас, зашто човекот, не само од љубов е создаден, ами и за љубов.

Па така, драги мои, да ги исполнеме срцата со љубов и милост, да ги отвориме духовните очи за полесно да го препознаеме и возљубиме Бога во ближниот!

Драги мои, божикната светлина да ве осене со благослов и, како мудреците Христа, така вас да ве дарува со даровите на љубов, мир и добро здравје. Да ги осени вашите домови, семејства, роднини, пријатели, оние кои се во болниците, старските домови, затворите …

Со овие мисли ви посакувам среќни Божикни празници! За многу години Македонци! ХРИСТОС СЕ РОДИ!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.