Од денеска ново поскапување на цигарите во Македонија

Од два до четири денари поскапуваат цигарите и разни други тутунски производи од денеска поради измените на Законот за акцизите донесен во октомри годинава.

Тој предвидува усогласување на акцизната стапка кај цигарите со минималната акцизна стапка во ЕУ, како и изедначување на учеството на вкупната акциза на цигарите во пондерираната просечна малопродажна цена со онаа пропишана во Директивата на ЕУ.

-Овие измени произлегуваат од Директивата од 21 јуни 2011 година за структурата и износот на акциза за тутунски производи, со која се предвидува усогласување на вкупната акциза со утврдениот минимален износ на вкупна акциза во ЕУ кај цигарите. Дополнително, во Предлог Законот се предвидува доуредување на членовите од Законот за акцизите во делот на денатурираниот алкохол. Оваа измена произлегува од Директива од 29 јули 2020 година за усогласување на структурите на акцизите за алкохол и алкохолни пијалоци – пишува во образложението на законот.

Со предложените измени, мерните уреди за мерење на количина се различни од мерните уреди за мерење на волумен, се врши дополнување на одредбите за постапката на денатурирање на етил алкохол. Исто така се олеснува постапката за издавање на одобрение за повластен корисник на наведените субјекти имајки предвид дека овој услов се применува за издавање на одобрение за повластен корисник на деловни субјекти кои акцизните добра ги користат при производство. Исто така се уредува воведување растителен билен производ за пушење по пат на загревање, независно дали содржи или не содржи никотин, кој ќе подлежи на акциза, со цел ограничување на здравствените ризици поврзани со употребата на истиот, односно дефинирање на растителниот (билен) производ за пушење.

Се дефинира новиот акцизен календар, се дефинира износот на акцизата на цигарите и другите тутунски производи, како и течноста за електронска цигара. Потоа се врши усогласување со Законот за прекршоци во делот за водење на прекршочна постапка и ревидирање на прекршоците согласно тежината на прекршокот.

Предлагачите на овие законски измени, предвиделе дека со спроведувањето на измените на Законот за акцизите ќе има позитивни прилив во Буџетот на Македонија во износ од 797 милиони денари во 2024 година, 883 милиони денари во 2025 година и 782 милиони денари во 2026 година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.