Ни доаѓа голем и тежок празник: Се зајадува грозје и не смее да се плаче

Преображение Господово е еден од оние осум големи христијански празници кој секоја година се слави на 19 август, кога, според народното предание, во зора почнуваат да се преобразуваат и гора и вода, најавувајќи ја идната есен.

На Преображение се преобразува и листот и гората и каменот во водата, листовите почнуваат да жолтеат и да опаѓаат, а водата станува постудена, па не е за капење.

Кај луѓето на Преображение се случуваат промени-кој преку лето поцрнел, почнува да белее.

На Преображение и небото, во глува доба три пати се преобразува. Кој тоа го види и на друг му каже, се верувало дека ќе го изгуби паметот.

Според распространетото верување, на Преображение не е убаво преку ден да се спие, бидејќи кој тој ден поспие, ќе се преобрази, па цела година ќе биде дремлив и поспан.

Не е добро овој ден да се плаче, ниту луѓето цел ден да го поминат во кафеана – да не им помине во навика и да не станат безделничари и расипикуќи.

Празникот Преображение е во Богородичниот пост на кој задолжително се пости.

Во некои краеви на Преображение се берат лешници и преку целата година се чуваат за лек, кога некој ќе го заболи увото. Се верувало дека, кога на болен ќе му се дадат вакви лешници да ги изеде, тој оздравува.

Во некои места било обичај на Преображение жени и девојки да станат пред сонце и „малку да поработат од секоја женска работа“, бидејќи се верувало дека Бог ги преобрати (преобрази)да бидат вредни, а после не работат ништо цел ден.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.