НАРОДОТ ОДЛУЧУВА

ZORAN-199x300Многу стапици го демнат развојот на македонската држава, баш како и нејзиното уставно управување. Но, една се чини дека е поголема од сите, а таа e болната зависност на политичката стабилност од странско посредништво, интервенција или/и туторство. Со ова мислење немам намера да се спротивставувам на било која добра намера за градење на заедништво со светот. Што се однесува до мене тоа е божја покана. Но, постои голема разика меѓу заедништво со останатиот свет и феноменот на болната зависност на политичката стабилност од интервенција, медијаторство или/и туторство од странство. Всушност, ако сакаме да бидеме во вистинска заедница со светот тогаш треба да се одесуваме и ние како него, а тоа значи дека и обврските, и придобивките, и агонијата од реформите и радоста од заедничкото живеење да ги делиме сите како припадници на сопствената заедница-држава.

Од друга страна, пак, ако наша тенденција e да бидеме држава без интегритет и идентитет, тогаш мораме да се согласиме со она што се случува во последно време на домашната политичка сцена: ќе работиме сите, ќе се жртвуваме сите, агонијата на реформите без малкумина (се мисли на оние кои што до скоро не си ја вршеја ниту работата во парламентот патем подигнувајќи си ја незаслужената плата) ќе ја делиме сите, а одлуката за тоа кој ќе “кормилари“ со македонската држава (читај кој ќе ја води државата) ќе бараме да ја “ујдисуваат“ надворешни фактори, т.е. странски разузнавачки служби или/и меѓународните политички институции.

Ова второто, се случува кога некои “политичари“ немаат друга цел освен да го продадат своето “водство“ на гласачите. Во тој случај, тие сe откажуваат од јасните стандарди на политиката и поголемиот дел од нивната работа го посветуваат на импресионирање на публиката (домашна и странска). Незаинтересирани за основните начела на државата, движени единствено од амбицијата за преземање на кормилото на власта промовираат во политичкиот систем некој облик на општествен садо-мазохизам нe затоа што со него ветуваат практични резултати за општествената заедница, туку затоа што тоа за нив e начин за самодраматизација.

Овие “стратези“ опседнати со “герилски“ начин на војување во политиката, на кој што главно правило на игра му e “бомбардирање“ на македонската колективна свест со полувистини крирани врз основа на незаконски прислушкувања стипендирани од странски служби, всушност, го поткопуваат идентитетот и интегритетот на нашата држава. И сето тоа во името на борбата за граѓански права и демократија. Ваквата, да ја наречам Sennetova концепција на политика на самоинтерес на политичката герила во нашата држава, афирмира болна зависност на политичката стабилност од туторство на странските политичари и институции и тоа како единствен механизам за решавање на проблемите кои што таа( политичката герила), самата ги создала.

Всушност, низ вековите нашиот народ и нашата македонска држава секогаш страдале од ваквите кројачи и кроења на нивната судбина. Тие не страдале заради немање на вистински политички, духовни и идеолошки водачи. Оттука, но и заради тоа, како причина, како резултат, но и како последица произлегува здравиот одговор содржан во синтагмата „НАРОДОТ ОДЛУЧУВА“, а кој што заради последните настани на домашната политичка сцена ја артикулира кормиларот на владиното управување, односно Претседателот на Владата на Р.Македонија г-динот Никола Груевски.

За среќа, во сегашно време креаторите на тактиката на општествен садо-мазохизам и импресионирање на публиката(меѓународна и домашна), со своето “жртвување“ за нацијата собраа толку малку практични резултати така да заклучокот е единствен: политичката герила (читај група составена од поединци припадници на домашната политичка опозиција ујдисана со странски непријателски настоени служби кон нашата држава) во обидот да драматизира угнетување од страна на власта сe зароби самата во сопствената мрежа. Сe зароби во сопствената тактика на општествен садо-мазохизам. Односно, сè зароби во стил без содржина.
Некои или тие, можеби не можат да сфатат како можат самите себе си да се заробат во сопствените…., не можат да сфатат како може да бидат толку многу збркани за да се заплеткаат во својата мрежа и затоа постојано бараат виновници и одат во лов на вештици, притоа, постојано обвинувајќи некого дека е одговорен за нивните ментални проблеми.
Мислам дека има вистина во оваа хипотеза. Но, постои барем исто толку вистина во следната пропратна хипотеза, дека политичката опозиција алијас политичката герила во Р.Македонија, цело време се однесува како да избегнува да ги исполнува задачите кои што пред неа ги исправиле македонските граѓани и држава.
Д-р Зоран Петрески,
Авторот е доктор по јавна администрација




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.