МТВ ќе врши пренос од пристигнувањето на Вардар во Скопје

Македонската радио телевизија ќе врши пренос од пристигнувањето на ракометарите на Вардар, потврдија за порталот Република од МТВ. „Црвено-црните“ се нови европски владетели, откако во финалето на Лигата на шампионите го победија унгарскиот првак Веспрем со 27-24.

Како што најавија од Град Скопје, кој го организира пристигнувањето и дочекот на ракометарите на Вардар на плоштадот „Македонија“, се очекува тие со чартер-лет да пристигнат во 18.50 часот, а потоа, пратени од навивачите и сите љубители на ракометот да пристигнат во центарот на градот. Таму илјадници луѓе, како и пред две години, ќе му се поклонат на новиот европски ракометен правак.

Овој викенд, додека се одржуваше завршниот турнир на ЛШ на кој „црвено-црните“ трипати едно по друго се пласираат, а двапати ја освојуваат шампионската титула, по МТВ се фрлаа дрва и камења бидејќи немаше пренос од двата најважни натпревари на Вардар. А возбудливи мечеви во текот на сезоната на ЛШ имаше премногу.

Претходно, во изјава за офф.нет беше соопштено дека МТВ нема да пренесува ниту фудбал, ниту ракомет во ЛШ.

Во ситуација кога Македонија остана без претставник во женска конкуренција, а машките клубови се во надолна линија, дури и со реална неизвесност околу нивната перспектива во ЛШ, условите за склучување нов двегодишен договор со ЕХФ Маркетинг (а не да се договара сезона по сезона) беа премногу неповолни од финансиски аспект, рече тогаш за „Офф.нет“ уредникот на спортската редакција на МРТ Драган Николовски.

Во таква ситуација граѓаните на Македонија се снаоѓаа кој како знае и умее за да може да ги следи двата историски натпревари на Вардар. Најчесто „страдаа“ оние кои имаа „Арена спорт“, бидејќи таму беше пренесот. Други кои немаа мораа да се мачат и да бараат линк од натпреварот. А немаат сите интернет во државата.

Претходно беше објавено дека ниту една македонска телевизија не контактирала со „Арена спорт“ за да ги откупи правата за пренос на натпреварите во Ф4 во ЛШ.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.