Младеноски: “Градоначалник, Советот ви одобри 8, а вие трошите 30 милиони за ова мовче? Што мисли Миле Талески за ова?” (Видео)

Расипништвото на СДСМ кулминира! Поучени од нивните ментори на централно ниво и локалните власти во Прилеп започнаа да се расфрлаат со народните пари како да се нивни семеен буџет. – истакнаа на денешната прес конференција од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Прес конференцијата во продолжение ја пренесуваме во целост:

“Општина Прилеп предводена од градоначалникот Илија Јованоски потпиша договор со битолската фирма “Стентон Градба”, за реконструкција и доградба на мостот во населбата Сточен пазар, кој верувале или не ќе не чини цели 30 милиони денари, или половина милион евра.

Се работи за мост кој е со должина од само десетина метри.

Не е спорно тоа што мостот ќе се реконструира, но да се плати ваква астрономска сума е надвор од здрав разум и остава сомнеж за можна злоупотреба на општинскиот буџет.

Покрај тоа, сомнеж за злоупотреба постои и поради тоа што, за реконструкцијата на овој мост во годишниот план за работа на општината, беа предвидени 8 милиони денари, а сега без промена на одлуките на Совет се потшиша договор кој чини речиси четири пати повеќе.

Целата јавност деновиве реагира и бара одговори, а градоначалникот мува не го лази и си тера по свое.

Го прашуваме Јованоски, дали мостот во Сточен пазар ќе биде можеби со златни огради?

Дали со оваа сума Јованоски ќе реконструира мост на градската река во Прилеп или на река во некоја светска метропола?

Ќе излезе ли конечно градоначалникот од својата удобна канцеларија за да им даде одговори на граѓаните, или ќе молчи како по обичај?

Граѓаните ве избраа бидејќи им ветувавте транспарентност, им ветувавте дека заедно ќе ги донесувате одлуките и сите пари ќе ги трошите домаќински.
Што стана со граѓанскиот парламент со кој мачкавте очи во првите месеци од вашиот мандат?

Затоа вашата поддршка паѓа од ден во ден! Граѓаните препознаа дека се излажани и дека залудно поверуваа во ветениот нов живот”, истакна Иван Младеноски, член на ИК на УМС при ВМРО-ДПМНЕ.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.