Македонско – јапонско пијано дуо наградено во Токио помеѓу 20.000 проекти (Видео)

Заедничкото музичко дело на македонско-јапонското пијано дуо – Ема Попивода и Асами Сате, е избрано и наградено од градската управа на Град Токио за најуспешен проект.

Овој музички проект е избран и награден помеѓу 20.000 пријавени проекти. Композицијата за две пијана „Дали паметиш Милице“ од циклусот Ноктурна оп. 52 б на македонскиот композитор Димитрије Бужаровски е снимена онлајн, за време на карантинот.

Видеото е инспирирано од архитектот Кензо Танге, кој на некој начин ги поврзува Скопје и Токио, и содржи снимки од двата града, макети и планови за изградба на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Кензо Танге работел на планот за изградба на Скопје по земјотресот, а Градскиот ѕид, железничката станица во Скопје, Македонската опера и балет и многу други објекти се дел од архитектурата на новото Скопје. Тој ги изградил и зградата на владата на Токио и стадионот Јојоги во Токио, објекти кои и денес се едни од најзначајните во јапонската архитектура.

Видеото го монтираше Милан Тоциновски, додека продуцент е Давор Попивода.

Пијанистиките Асами Сате и Ема Попивода соработуваат од 2016 година. И двете имаат интернационални кариери како солисти. Сате студирала и магистрирала во Јапонија и во САД, но работи и како продуцент за развој на глобални активности во Токио. Попивода е доктор на музички науки, професор по пијано на Музичката академија во Штип и активна пијанистка со бројни настапи низ Европа, САД и Азија.

Видеото допре до милиони гледачи во Азија и е одлична промоција на македонската музика, фолклор и на градот Скопје.

Погледнете и слушнете во продолжение:




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.