Македонија е бесконечна разгледница: Јаворот во Теово е стар над 500 години и зрачи со неверојатна убавина (Фото галерија)

Теово е село во општина Чашка. Селото е сместено во областа Азот, во средното сливно подрачје на реката Бабуна, на нејзината лева страна.

Теово е оддалечено 20 километри југозападно од општинското средиште Чашка и 30 километри од градот Велес.

Името на селото првпат е споменато како „Техово“ во 1335 година. Името потекнува од личното име „Техо“ (од грчкото име Теохар, што значи „божја благодат“) или од корен „тех-“ што означува рудник, рударска јама.

Во селото се наоѓа железничка станица на пругата Велес-Битола, на која редовно сообраќаат регионалните возови на линијата Скопје-Битола.

Главната селска црква го носи името на Св. Атанасиј. Изградена е во 1895 година, а нејзин градител е познатиот Андреј Дамјанов.

Она на што посебно се горди теовци е јаворот кој се наоѓа средсело. Се претпоставува дека јаворот е стар околу пет или шест века. Се верува дека е посаден во XV век, односно во 1478 година.

Никој точно не знае кој го насадил јаворот, но според кажувањата на мештаните, најверојатно го засадил некој од турските бегови, кој го донел од Грција.

Турците знаеле дека јаворите се вековни растенија и го засадиле како симбол на вековната империја. Според други кажувања, фиданката е засадена од првиот доселеник во селото.

Од млада фиданка, од година во година, дрвото израснало во вистински џин. Мерењата покажуваат дека дебелината на јаворот изнесува десетина метри, а висок е околу 30 до 40 метри.

Јаворот за теовци претставува средиште на сите случувања. Под него, на местото на некогашниот бунар, се наоѓа фонтана. Местото под јаворот целото е поплочено и оградено. Навечер него го осветлуваат неколку електрични светилки. Тука за време на селските слави и собири се играло орото и се пеела македонската песна.

Како позначајни знаменитости кој покрај црквата Св. Атанасиј и јаворот можете да ги посетите во Теово се, црквата „Св. Архангел Михаил“, како и прекрасниот Теовски манастир кој се наоѓа на само 250 метри оддалечен од главната селска црква.

Посетете го Теово, уживајте во прекрасната природа и понесете прекрасни спомени.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.