Кожув повторно ја совлада Победа: Од црвено-белите со остра реакција за cyдењето на мечот

Фудбалерите на Победа го претрпеа вториот домашен пораз, седми во досегашниот тек од шампионатот.

Во продолжение официјално соопштение на ФК Победа по повод вчерашниот меч од 14-то коло во Втората лига – Исток.

Како и во мечот од првиот круг од шампионатот во Гевгелија, и вчера во Прилеп Кожуф ја совлада Победа со 2-1. Тоа беше меч во кој Победа не беше на висина на задачата, посебно во првиот дел, за во вториот дел впечатокот малку да се поправи, но недоволно за да се стигне до поволен резултат.

Големо влијание врз конечниот резултат имаше младиот охридски судија Фатмир Бафто и неговите помошници Горан Балески од Охрид и Марио Мојсоски од Струга.

Бафто не досуди два пенали за Победа-првиот врз Дебрешлиоски во 61-та минута, по ударот по нога од Манасиев, и вториот врз Гешоски, кој во 87-та минута беше фаулиран од Каракамишев.

Спорна е ситуацијата за офсајд и при вториот погодок на гостите за офсајд на Костадинов на страната на вториот помошник Мојсоски, по што Костадинов во 49-тата минута ја затресе домашната мрежа…а првиот помошник Балески на спротивната страна на вчудоневидување на сите на стадионот во последните моменти од мечот измисли офсајд спречувајќи го последниот обид на домашните…

Во целост гледано охридскиот судија, кој првпат судеше на Победа, се покажа како недораснат за еден меч, со доста дуел игра и особен интензитет, посебно во второто полувреме. Без осет за игра и нејзино пречесто сецкање со дување во свирчето, без чувство кога да се почитува, или да не се почитува предност за, во неколку ситуации со иритирачки реакции од домашната клупа на неговите одлуки, да не почитува предност, а со тоа спречи чисти ветувачки контранапади, наседнувајќи на симулации од искусните гостински играчи…

Победа млако и без доволно жар и интензитет влезе во мечот. Се играше во грч истегнато со пречести и несфатливи грешки, што на моменти предизвикуваше и разбирлива, но непотребна нервоза. Како и на сите останати мечеви на кои е затресена нашата мрежа и вчера првиот гол е примен од прекин.

Нафрлена топка од 40 метри на линија на 16-тникот, спуштена неколку метри внатре во казнениот простор, млако ја зафати Костадинов и со максимално прецизен удар, едвај тркалајќи се сепак заврши од стативата во нашата мрежа. И во оваа ситуација изостана кординација на нашите фудбалери и нивно поцврсто поставување, кога топката се упатува кон нашиот гол по прекин на игра. Во првиот дел единствената зрела прилика за Победа во 33-тата минута ја имаше Ангелески, по чиј продор гостинскиот голман Картов успеа да му влезе во шут и да ја сочува својата мрежа.

Во вториот дел се играше во висок ритам, со нагласена иницијатива на Победа. Со влегувањето во игра на искусните Гешоски и Дунимаглоски, креирани беа неколку убави шанси, а токму овие двајца фудбалери не ги искористија најубавите две шанси.

Дунимаглоски биеше крај голот во 50-тата, а Гешоски промаши зицер волеј во 51-та минута. Во нервозата создадена на теренот, по пристрасмата арбитража на езерската тројка, гевгеличани, кои се инаку добро прочуени по игра со посед, во последните 10-тина минути ја смнирија играта, не дозволувајќи нови атаци кон нивниот гол.

Почесниот погодок за Победа-прв сезонава-од пенал го постигна Гешоски во 93-тата минута, по прекршокот на Бејков врз Бошески.

Победа:Столевски, Бошески, Дамески, Петкоски (од 46 мин Дунимаглоски), Каралиоски, Дебрешлиоски (од 69 мин Кисески-Илиоски), Ангелески(од 75 мин Митрески), Стомнароски, Јошески (од 75 мин С.Спиркоски), С.Спиркоски (од 46 мин Гешоски) и Димоски.

Резултати 14 коло: Победа-Кожуф 1-2,Брегалница-Тиквеш 1-1, Кит-Го-Каменица Саса 0-0, Росоман-Плачковица 0-1 и Слога-Осогово 3-0.

Табела:Брегалница 36, Тиквеш 31, Кожуф 22, Слога 20, Кит-Го 19, Каменица Саса 16, Победа и Осогово по 13, Плачковица 10 и Росоман 8 бодови.

Во следното 15-тто коло во сабота на 5-тти декември ќе играат: Осогово-Победа, Плачковица-Саса, Брегалница-Кит-Го, Тиквеш-Слога и Кожуф-Росоман.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.