За еден навистина културен центар – Локум, ајвар, изложба на Кардула, концерт на Стефановски само дел од минатогодишните сервирани „вкусови“ на КИЦ Тирана

“Беше 5 – ти јануари кога се преселив во Тирана, тој ден врнеше топол медитерански дожд. Живеев во хотел, барав стан, барав простор за нашиот Културно информативен центар. Тргнав од нула. На 29-ти април 2021 година на мое големо задоволство, ја закачив таблата на која пишува ,,Амбасада на Република Северна Македонија,, – Културно информативен центар”.

Од навидум далечна визија и речиси невозможна мисија, денес модерната македонска култура вибрира во Тирина. Со децении, иако не раздвојуваше една езерска географска граница, едночасовно возење од Охрид до Албанија, културолошката размена беше милји далеку. Тој многугодишен културно информативен јаз секако не може да се надомести преку ноќ, но интезивната работа на македонскиот Културно информативен центар во албанската престолнина за неполни две години вртоглаво не доближи истовремено и со политичкиот прогрес во билатералните односи на двете земји. Центарот уште еднаш покажа дека затвореноста и недостигот на информации создаваат стереотипи, додека уметноста и културната промоција отвораат хоризонти во духот на космополитизмот.

Овој софиситицирано уреден ентериер во објектот на КИЦ Тирана, со илустрации од уметникот Зоран Кардула е местото каде што во годинава што изминува беше  промовиран и македонски ајвар, крушевски локум, музиката на „Љубојна“, сликите на Зоран Кардула , изведба на пијанистката Ивана Мазнејкова а за прв пат во Албанија концерт одржа Влатко Стефановски.

Во Центарот во изминатиот период поминале многу луѓе, десетици министри, двајца премиери, музичари, сликари, писатели, градоначалникот на Тирана господинот Ерион Велиај, министерката за култура Елвита Маргарити, министерот за внатрешни Бледар Чучи, амбасадори и дипломати од различни земји.

Кога се наоѓаш во друга земја и непознат град, за да стасаш до овие нешта, бара многу работа, вели во разговорот за НоваТВ, директорот Златко Ориѓански.

„Беше 5 – ти јануари кога се преселив во Тирана, тој ден врнеше топол медитерански дожд. Живеев во хотел, барав стан, барав простор за нашиот Културно информативен центар. Тргнав од нула. На 29-ти април 2021 година на мое големо задоволство, ја закачив таблата на која пишува ,,Амбасада на Република Северна Македонија,, – Културно информативен центар. Направивме нова, наша институција во Република Албанија. На 10-ти јуни се случи свечено отворање, пред многубројни гости од политичкиот и културен живот на оваа прекрасна земја. Од тука натаму, започнав со програма и претставување на нашата земја и нејзината култура. Направивме добри работи, ова место веке е познато меѓу тиранчаните и Албанците воопшто, овде, та дури и на Косово“, раскажува Ориѓански.

За впечатоците од концерот на Влатко Стефановски, кој ќе остане запаметен како прв негов настап во соседна Албанија, и потсетување колку сме пропуштиле во културната размена на двете земји низ годините, Ориѓански вели:

„Влатко е врвен професионалец, меѓутоа, ете, никогаш не свирел во ниту еден град во Република Албанија, зошто, како, искрено не знам, меѓутоа со голем напор, тој концерт се случи на взаемно задоволство и помина многу убаво. Имајте предвид, оваа работа овде јас ја работам потполно сам, немам секретарка, шофер, ниту некој помошник. Оваа работа бара постојани контакти со разно разни луѓе. Овде изминатиов период поминаа многу луѓе, десетици министри, двајца премиери, музичари, сликари, писатели, градоначалникот на Тирана господинот Ерион Велиај, министерката за култура Елвита Маргарити, министерот за внатрешни Бледар Чучи, мнозина амбасадори и дипломати од разни земји. Кога се наоѓаш во друга земја и непознат град, за да стасаш до овие нешта, бара многу работа.“, вели тој.

На својот фејсбук профил Ориѓански често објавува видеа од настаните, од кои се добива впечаток дека посетителите со голема возбуда присуствуваат на секој од нив. И според Ориѓански, не може да се издвои ниту еден и сите му се подеднакво важни.

„На секој настан му пристапувам со еднакво внимание, сеедно дали промовираме македонски ајвар, крушевски локум, сликите од Зоран Кардула или концертот на Љубојна, Влатко, пијанистката Мазнејкова, писателот Јордан Плевнеш. Денови и месеци пред нешто да правам, размислувам како тоа да се склопи, да биде убаво и видено. Ние сме мала земја, имам мал буџет, тоа бара вештини хаха да се направи и да изгледа светски. Мислам дека ова е наш прв Центар, кој успеал да внесе пари однадвор, преку бизнисмени и фирми, да го надополни државниот буџет.“, вели Ориѓански.

Сепак, тој се согласува дека реципроцитетно на нашата промоција на културата во Тирана, модерната албанска култура не доволно промовирана во Македонија.

„За жал, албанската модерна култура е непозната во нашата земја, меѓутоа, ние имаме склучено меѓудржавен договор со Република Албанија, ратификуван во нашите парламенти, каде јасно пишува, дека Република Албанија, под истите услови како што ние отворивме културен центар во Тирана, може да отвори свој културен центар кај нас. Дали ова ке се случи, искрено, не знам, тоа не зависи од нас, иако јас со нетрпение очекувам такво нешто.“, вели тој.

Настап на „Фолтин“, прва изведба на театарска претстава на македонски јазик во Албанија се само дел од замислите за прогрмата на КИЦ Тирана за идната година.

„Следната година сакам да ја започнам со една голема претстава на Битолскиот театар, тоа ке биде прва македонска театарска претстава изведена во Албанија на македонски јазик (се разбира ке има и превод на албански јазик). Овде имам намера да настапат ,,Фолтин,, веројатно ќе правам еден интересен концерт со оние наши, струмичко малешевски дувачи, сместен во воз кој патува..И уште многу други работи. Допрва ќе има добри работи. Најважно е дека сме овде и дека ова место, ова наше место во оваа благородна земја и прекрасни луѓе, на некој начин стана ,,свето место“. Мнозина луѓе што доаѓаат во Тирана, независно од етничка припадност, доаѓаат да го посетат. Ова е голем комплимент за мене и мојата работа овде.“, вели Ориѓански.

Албанскиот парламент ја ратификуваше Спогодбата за отворање македонски КИЦ во Тирана на 3 февруари 2020 година.

На седницата на 3 февруари 2020 година кога беше ратификувана Спогодбата за отворање на македонски КИЦ во Тирана зборуваше Васил Стерјовски, пратеник од партијата Македонска алијанса за европска интеграција, кој од име на партијата и од сите Македонци во Албанија ја изнесе целосната поддршка за отворање вакви центри.

„Отворањето на овие културно-информативни центри во Тирана и Скопје ќе ги интензивира културните односи меѓу двете земји, ќе го зајакне понатамошниот развој на односите меѓу Албанија и Македонија, ќе се развие и зајакне меѓукултурната соработка и ќе се создадат услови за уметници од двете држави да ја претстават својата работа во двете држави“, рече тогаш Стерјовски.

Додаде дека овие културно-информативни центри ќе ја шират и презентираат албанската култура во Македонија и македонската култура во Албанија преку организирање разни настани, изложби, литературни и научни предавања, филмски проекции, промоција во медиумите и обезбедување информативни услуги за заинтересираните граѓани на двете страни.

Тогаш, тој нагласи дека двете држави заедно се движат по европскиот пат и оти голема е надежта дека во март оваа година ќе започнат преговори за членство во ЕУ.

Извор: Нова ТВ




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.