Заев против сите, ги обвини Албанија, Црна Гора, Србија и Унгарија за бегството на Груевски

Истрагата ќе ги открие деталите за бегството на Груевски, но останува прашањето како четири земји, наши пријатели, тоа го дозволиле, рече денеска премиерот Зоран Заев, одговорајќи на новинарски прашања по работната посета на Струмица – oбјави “Курир”.

Заев очекува јавноста многу брзо да биде информирана што точно се случувало во Македонија околу бегството на поранешниот премиер.

-Јас сум информиран од МВР и знам досега до каде се стигнати работите и верувам дека во многу брзо време на јавноста ќе и бидат соопштени деталите што се случувало во Република Македонија, бидејќи знаеме што се случувало во Албанија, Црна Гора, Србија и во Унгарија. Останува прашањето како тоа наши пријатели, четири земји, тоа го дозволиле и секако останува прашањето како тоа три земји членки на НАТО, демонстрирајќи владение на правото, го кажувам тоа под наводници, во време кога македонското општество, македонскиот парламент сериозно е фокусиран заради огромната инспирација со право да се биде членка на ЕУ и НАТО, токму тоа се случува. Но, затоа се истрагите, затоа се информациите коишто следуваат да бидат споделени со јавноста, истакна Заев.

Сите видовме, дополни тој, а и потврдија дека со дипломатски возила на Унгарија и придружуван од унгарски дипломати, Груевски стаса во Будимпешта.

Заев жали што МВР се уште не може да излезе со детална информација. Рече и дека го почитува тоа што Јавното обвинителво е во сериозна истрага и додека трае истрагата, повтори, не може да се соопштуваат сите детали.

Извор: “Курир”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.