Емил Димоски од Прилеп – чувар на традицијата: Неговите дела оживуваат цели векови од минатото (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Со многу љубов, трпение Емил Димоски создава уникатни уметнички творби и макети. Неговата креативност е оригинална. Од камчиња, дрвца, герамиди, трева, многу релаксирачки, вдахновено создава куќарки – макети, но и слики кои се во тридимензионална форма.

Се си е на свое место. Па така мислиш дека старите автентични куќарки, кои се одраз на архитектурата на едно минато време како да оживеале. Имаш чувство дека вратата пак ќе се отвори и ќе влезе некој да ги согледа спомените, или ѕиркајќи низ прозорчињата ќе се врати во минатото.

Пред нас се дела кои не дзоволуваат старата архитектура да замине во заборав. Најпрво публиката ја освои со макетите, кои започнал да ги работи уште од основно образование. Прво со кибритчиња, а потоа со камчиња. Како поминувало времето така творецот се надоградуваше и ги изработуваше веродостојно оргиналните макети на старите куќи.

Сега се насочи кон друг вид на творби, но повторно дел од традицијата. На картон лепи дрвца, камчиња и други материјали и создава слики преку кои го пренесува богатството од убава архитектура, манастири, стари куќи…

Емил Димоски многу вешто ни го претставува минатото, а преку изложбата, во овој негов уметнички сегмент може да ѕирне и публиката.
На овој начин Димоски дава свој креативен придонес за зачувување на богатата и неисцрпна македонска традиција.

Каролина Мицевска, новинар

Секое дело вклучува некаква тајна, мистериозна инспирација, скриена порака, која успешно се проткајува низ камчињата и ливчињата на бескрајот. Во безбројните и бесконечните разговори за неговото творештво побарав објаснување за петте димензии.

Додека со жар во очите објаснуваше за секоја димензија од секое дело посебно, ми стана појасно од било кога – делата на Емчо немаат димензија, немаат временска рамка, немаат пазарна врдност бидеќи се полни со љубов, трпение, спокој, мир љубопитност, добрина и страсти, бидејќи неговите дела ја пресликуваат неговата бесценета душа.

Јулија Ѓурчиноска, проф. Македонскии-германски јазик

Емил изработува макети на куќи од руралната македонска средина, истите се изработени тродимензионално на постојле или како тродимензионална слика на која се прикажани комплетната фасада и дел од страничните sидови, a во тек е изработката и на неколку цркви од македонското поднебје.

Некои од нив се изработени во делумно пресечена лејка (црпка). Истите се во димензија од: 5 до 25 cm должина, 2 до 15 cm ширина и 7 до 25 cm висина. На макетите можат да се видат дрвените чардаци, тродимензионалната дограма-вратата со ментешињата и вренгот, како и прозорците со мрежа за заштита од инсекти и кепенците, дрвените и камените скали, покривот со неизбежните ќерамиди или камени плочи како и нивната комбинација итн.

Во земјениот двор на истите се застапени: колските колца, плетените прачкови огради, бунарот, фурната, постојлето за сечење дрва со рачната пила, лозницата, различни тревки и дрвца со необична форма и други елементи што можеле да се сретнат во дворовите на тие куќи. Во репертоарот на ракотворби се и столни ламби изработени од резбарени лејки.

При изработката на своите макети тој употребува ситни камчиња со различна големина, форма и боја (речен мазен камен или песочен, тенок момирок-лискун), глинеста земја од која после сеењето го прави малтерот, иситнета слама и кал за изработката на мали плитари од неколку милиметри, притоа, по изработката со калап ги остава да се испечат на сонце и на самиот крај ги соsидува.

Изработува и црвени печени тули, лачни или ребрасти ќерамиди. При изработката употребува лејки-црпки во различни големини како и различни дрвца, кои се со автентична рустична боја. Дел од фасадите се измалтарени, варосани, а подоцна на истите го доловува излупениот или веќе паднатиот малтер.

Во уметничките дела сочувана е автентичноста на изградбата, односно куќите се градени на традиционален начин, камчињата, плитарите и тулите се sидани, не се лепени на позадина.

Од алат при изработката користи најмногу пинцета поради минијатурноста на истите градбени елементи, бидејќи некои не можат да се фатат со рака, користи скалпел и други помошни алатчиња пред се за нанесување и мешање на малтерот.

На 18.05.2018 во 20,30ч неговите дела ке бидат претставени и пред Прилепската публика преку неговата самостојна изложба во галеријата “Борко Лазески ’’ при центарот за култура “Марко Цепенков’’.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.