Детската амбасада од Прилеп со пријателите поделија над 600 пакетчиња и оброци за исто толку дечиња ширум државата (Фото/Видео)

Поради строгите мерки и ковид пандемијата, оваа година во просториите на хотелот „Кристал Палас“ на симболичен начин се одржа традиционалниот Божиќен ручек кој го организира Детска Амбасада за Сите Деца во Светот. Се одржа прес конференција на која се обратија со свои изјави Александра Северкоска Стојаноски- извршен директор на Детската Амбасада, градоначалникот Борче Јовчески и господин Петар – Митрополит преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски.

„Дозволете ми најпрво од името на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот, како и од мое лично име, да упатам честитка до сите вас и македонската јавност по повод Новогодишните и Божиќните празници, со желби за љубов, мир, здравје и благосостојба.“ – започна Александра Северкоска Стојаноски.

Поради неможноста од физичко присуство, согласно мерките и препораките на надлежните институции и оваа година активностите биле насочени повторно да се внесе радост во детските срца и да се предизвика таа најмила детска насмевка на малите лица, со тоа што биле испратени пакетчиња и ланч пакети во домовите на повеќе од 500 деца, односно 600 пакетчиња и 550 оброци, за различни целни групи, како и за членовите на Детската Амбасада и партнерите.

Децата кои биле опфатени во овој 16-ти по ред Божиќен ручек се од Прилеп, Скопје, Битола, Тетово, Куманово, Крушево, Штип, Охрид, Струга, Струмица и од другите градови и општини ширум државава.

„Како и секоја година нашата порака е во рамките на нашето мото „Едно небо за сите деца“, а тоа значи децата да се почитуваат помеѓу себе, да нема дискриминација и насилна комуникација, да преовладува толеранцијата, и сите ние заеднички да придонесуваме кон градење на нашето општество. Бидејќи децата се нашата иднина. “ – истакна Александра Северкоска Стојаноски.

Градоначалникот Јовчески изјави дека е среќен што и во време на пандемија се одржува овај прекрасен традиционален божиќен ручек за повеќе од 500 деца.

„ На децата без родители, децата на бранителите, децата со посебни потреби, како и на децата членови на „Детската амбасада за сите деца во светот“ сакам да им го честитам празникот и Новата година со желби за многу здравје, радост, среќа, успех и безгрижно детство. Секоја година ние како локална самоуправа го поддржуваме овој настан, и оваа година исто така за децата обезбедивме новогодишни пакетчиња. Локалната самоуправа на Прилеп секогаш ги поддржува хуманитарните настани, и во иднина имаме предвидено многу настани кои што ќе се реализираат во текот на годината. Ќе продолжиме да делуваме и помагаме, со цел да им овозможиме на сите дечиња да ја почувствуваат магијата на празниците и магијата на детството.“

„Божик е празник на љубовта и хуманоста и во овие денови, секој од нас, според можностите кои ги има, треба да им помогне на оние на кои помошта им е неопходна. Токму и целта на овој настан е сите ние да се чувствуваме еднакви и празникот да го славиме заедно, Христос се роди – Навистина се роди“ – заврши градоначалникот Јовчески.

Митрополитот Петар по повод овој празник кој што е „мајка на сите празници, Божик“ како што кажа, ги поздрави сите присутни и сите деца ширум нашата татковина со најрадосниот поздрав „Христос се роди“.

„Веќе 40 години како сум надлежен Епархиски Архиреј,секогаш сум се залагал и ќе се залагам за подигнување на наталитетот во нашата татковина Република Македонија“ бидејќи како што посочи митрополитот, во последните неколку години е многу намален наталитетот посебно кај нашите етнички Македонци во нашата Македонија.

„Јас не можам поинаку да се искажам на овој голем и спасоносен празник Божик освен со тага да кажам дека Божик не го личи без деца, и ако нешто не радува денеска, не радува овај празник посебно Божик при оваа пригода кога се приредува заеднички ручек за сите деца во нашата Татковина“

Во духот на воспитувањето од Македонската православна црква господин Петар упати апел до сите жени и девојки од нашата држава, кои на било каков начин останале бремени, никако да не посегнуваат по она што е свето а тоа е она што се зачнало во утробата нивна, да го донесат на свет затоа што тоа е единствената правилна одлука.

„ Сакам уште еднаш да го честитам празникот на семејството Божик, бидејќи раѓањето на нашиот Христа бог и спасител во Витлеем градот на лебот, е всушност огништето на светото семејство каде што биле собрани кога се родил Христос, мајката божја пресвета Богородица, светиот Јосиф, и во тој дух честитајќи го празникот ги поздравувам сите деца во светот и вас сите присутни и сите што ќе ја слушнат оваа прес конференција со најрадосниот божикен поздрав Христос се роди мир божји, Христос се роди, Христос се роди, и за многу години нека е Божик браќа и сестри.“




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.