“Детската Амбасада за Сите Деца во Светот” по 11-ти пат го организира “Божиќниот ручек”

cimg4032

Оваа година по 11-ти пат, традиционално, во организација на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот, во хотелот „Кристал Палас“ во Прилеп, со почеток во 12:00 часот, 500 деца ќе се дружат на свечен Божиќен Ручек и ќе го слават Христовото раѓање. Оваа година, по 8-ми пат на оваа прослава Детската Амбасада за Сите Деца во Светот го доделува престижното признание за општествена одговорност ОРДЕН ЗА НОСИТЕЛ НА МИРОТ. Оваа година ова меѓународно признание му го доделуваат на ЕЛЕМ – ЕЛЕКТРАНИ НА МАКЕДОНИЈА од Скопје.

Деца од целата територија на Република Македонија на заедничка трпеза ќе го прослават Божиќ, денот на Христовото раѓање, и на таа заедничка трпеза ќе седнат: деца без родители, деца на загинатите бранители, деца со посебни потреби, како и истакнати деца – членови на Детската Амбасада. Децата се од Прилеп, од Скопје, Ресен, Тетово, Битола, Струмица и од другите градови ширум државава.

Божиќниот Ручек ќе го благослови Неговото Високо Преоствештенство, Митрополитот Преспанско-Пелагониски и Администратор Австралиско и Новозеландски, Господин Петар. За збогатување на свеченоста ќе се погрижат членовите на Академијата за Естрадно пеење „Ѕвездички“ од Прилеп, македонскиот претставник во Пинковите Ѕвездички, Мина Блажев, Преставничката на Македонија на ланската Детска Евровизија, Магдалена Алексовска, но и добро познатите естрадни Ѕвездички, Сара Гигова и Љупка Арсовска. Оваа година покрај членовите на Академијата за естрадно пеење „Ѕвездички“, за уште повесела забава на овој Божиќен Ручек, ќе настапат и македонскиот идол Христијан Тодороски и нашата ѕвезда од Ѕдездите на Гранд, Ален Хасановиќ.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.