Дедо Добре има 82 години и боледyва од Алцхајмер, ама од социјално му ги укинале 4.700ден. за нега – му рекле дека можел сам

На Осумдесет и двегодишниот Добре Лазевски од Скопје, кому му е дијагностицирана деменција со Алцхајмер, како и Алцхајмерова болест во напредната фаза, не му е потребна нега и може сам да се грижи за себе. Ваква одлука донела Комисијата на јавната установа Меѓуопштински центар за социјални работи Скопје-Карпош, која му ја укинала помошта од 4.711 денари, пишува мкд.мк

За семејството на Лазевски оваа одлука е апсурдна и тие денес поднесоа жалба на ваквото Решение до Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје-Карпош. Месечната сума од 4.711 денари овој човек ја земал во период од околу 5 години, а семејството вели дека болеста не се повлекува, туку прогресира. Тие прашуваат како може за пациент со ваква дијагноза да се процени дека може сам да се грижи за себе.

„Не можам да сфатам човек со таква дијагноза, на кого фатен му е центарот за говор, тешко оди, да го транспортираме треба да се ангажираме повеќе лица… ми велат дека сам може да се грижи за себе. Документи се носат на неколку месеци, а за тоа ние го носиме од едно на друго место за пак да собереме документација. Татко ми ги исполнува условите да дојде комисија дома и да го прегледа, а тие згора на сѐ, уште велат дека сам за себе може да се грижи и му го укинуваат и тој надомест што го зема, а за него се грижи мајка ми”, вели за мкд.мк Весна Цветиновска, ќерката на пациентот кого Комисијата го одбила.

Согласно со Законот за социјална заштита право на надоместок за помош и нега од друго лице има лице со навршени 26 години возраст, со умерена, тешка или длабока интелектуална попреченост, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги врши основните активности од секојдневниот живот доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.

Висината на надоместокот за помош и нега од друго лице се утврдува во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице.

Потребата за помош и нега од друго лице со наод, оцена и мислење ја утврдуваат стручни комисии формирани во јавни здравствени установи во состав од тројца доктори специјалисти или супспецијалисти.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.