Го фатиле со 3,23 промили, па по 30 часа одново со 3,5 – Битолчанец не се отрезнал два дена, ама ќе отрезне во притвор

Дури двапати во период од помалку од 30 часа, полицијата затекнала 29-годишен битолчанец како управува автомобил под силно дејство на алкохол. По повторениот прекршок, на возачот му е одреден осумдневен притвор.

Првиот случај бил регистриран на 7 ноември, околу 21:30 часот, на паркингот кај спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола. Полициските службеници го запреле Х.Ј., кој управувал автомобил „Мерцедес“ со битолски регистарски ознаки. При извршеното алкотестирање биле измерени неверојатни 3,23 промили алкохол во крвта, по што бил лишен од слобода.

Но, и покрај првото приведување, 29-годишникот повторно седнал зад воланот. На 9 ноември, во 02:41 часот, полициски службеници повторно го запреле на улицата „Партизанска“ во Битола.

Овојпат алкотестот покажал уште повисока концентрација на алкохол – 3,50 промили, по што возачот повторно бил лишен од слобода.

По целосното документирање на двата случаи, надлежните му одредиле мерка притвор во траење од осум дена.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.