Вреди да се прочита: Свештеник од Прилеп пишува – “Причестувањето не може да биде причина за пренесување на болecти”

(Фејсбук статус на Протоереј Љупче Петрески од Прилеп)

КОВИД-19 И ЧУДОТО СО ЛАЖИЧКАТА

Со ширењето на Ковид-19, во некои медиуми, претпоставувам и во меѓусебните разговори, се отвори прашањето дали верниците треба да се причестуваат на Светата Литургија, со оглед на фактот дека причестувањето се врши со една иста лажичка, пракса востановена во Црквата уште од VII век, од Светиот Путир во кој се наоѓаат вистинските тело и крв Христови во вид на леб и вино.

Со разбирање за стравот и загриженоста и без никого да осудувам, ќе речам дека причестувањето од „Чашата на животот“, не може да биде причина или извор на болести. Јас, како човек, го разбирам стравот кој се темели на науката, односно микробиологијата или вирусологијата, но како свештеник ќе речам дека, сепак, меѓу стравот и науката се „истопорува“ Бог и нашата вера.

Да, во моето 13-14 годишно искуство како свештеник и ѓакон, сум видел ситуации во кои верниците, поради причестувањето со една лажичка реагирале, коментирале, пристапувале со одбивност, гадење, се обидувале некако да не ја допрат лажичката со усните и т.н., но ниту еднаш не сум бил сведок некој да се пожали дека се разболил по причестувањето.

Впрочем, веќе четиринаесет години, јас сум тој што на крајот од Литургијата, ја употребува (зашто ништо од причесната не смее да остане во св. Путир) причесната, откако верниците ќе се причестат со едната и иста лажичка. А често ми се случувало тоа да го направам, откако ќе се причестат стотина и повеќе верници. Но, никогаш не сум се разболел и тоа претставува своевидно чудо. Чудо кое се случува на секоја Литургија, зашто според логиката и науката, би требало да бидам најболен или често болен. Но, фала Му на Бога, јас сум здрав „сведок“ дека причестувањето со една лажичка не е и не може да биде причина за распространување на болести или во случајов, корона вирусот!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.