Во недела сите во сала: Прв натпревар на новиот футсал клуб “Победа”

После долго време во Прилеп ќе се игра футсал на професионално ниво. Вљубениците на малиот фудбал ќе имаат свој миленик кој ќе можат да го бодрат на трибините и да гледаат утакмици во футсал не само на турнирот “Св. Никола”, туку и преку цела година.

Неодамна се формираше КФМ Победа, а основач на клубот е еден од најистакнатите членови на навивачката група “Мајмуни”, Никола Трајкоски.

Денеска претседателот на клубот со дел од играчите беше на прием кај градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, кој им вети поддршка од страна на локалната самоуправа.

-На особена радост за Прилеп и прилепчани, оформен е Клуб за мал фудбал „Победа“! На дел од екипата на денешната средба им посакав среќа затоа што веќе во недела започнуваат со натпреварување во втората македонска футсал лига. Поддршката на Локалната самоуправа се разбира дека нема да изостане! Се додека нашите млади се насочени кон спортот, љубовта кон родниот град и здравите навики, гарантирано ќе имаме светла иднина! – напиша Јовчески на ФБ.

Веќе во недела новиот клуб ќе го има своето деби на терените. Закажан е натпревар со екипата на Јувентус Серава, кој ќе се одигра во спортската сала на СОУ “Ристе Ристески – Ричко”, во недела (15.10), со почеток од 19:30ч.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.