“ВЛАДИНА „МАНЏА“ РАСИПАНА”

Трудна несреќа македонецот го снајде. Големи народни страданија, премрежија и искушенија недокрепими. Арно оти завршницата, каква годе, се наближи и ќе се стави конец на ова … лудило, оти се шашардиса народот, се изматуфи, од ѓонија излезе, небаре од умот скраја.

Лут сум поради сето ова, лут ифрит, чиниш ако лутана аспида ме касне, ќе се опрчали и ќе цркни. Лут сум на онаа глутница од наши државни великодостојници и на народнине емисари во она срамно здание Собрание што се вика. Лут сум оти го здивеа народот, го нас’скаа еден против друг и оти го нагрбачија, ни крив ни должен, со скотско бреме во ова пчошко време-невреме.

Пламен ригам и од очиве веди секам оти се нема срам, ни ронка намуз, ниту човештина троа. Алчноста ја зинала челуста озабена, голта се’ пред себе и наситка нема. А Власта наша, пустата, оваа ѕверка здивена катаден ја потхранува. За неа ништо не е туѓо, ни срамно, ни долно. Се’ во името на успешен плебисцит и, патем, извардување на кожените седала.

Не бива така! Го нагрбачивте народот со бреме на огромна одговорност, патем, заканувајќи му се дека нема поинаков избор. Меѓу чеканот и наковалната го спруживте.

Како што нашиот народ вели, „од нигде никаде“, ненајавено, прекрстување без „кумот“ да чините, катастрофално лошо се испазаривте, всушност во „пазарот“ се’ прифативте и, сега пилатовски рацете си ги миете со тоа што „топката“ кај народот ја префрлате, тој да одлучи а, ниту барал ниту, пак, сака вакво нешто.

Убаво е тоа што му го овозможувате, според правото, на суверенот да избира, ама што да избере? Да се самоубие или, како што Вие го секирате и му се заканувате, убиен да биде? Многу широка палета на опции, нема што.

Срам невиден! Наличие на менџија имате, кој на гостинот изгладнет (во случајов домаќин) кој се жали дека е прегладнет, му сервирате (она што Вам ви го зготвиле „повисоките (читај: кумовите) надвор од Македонија“) јадење саглам расипано.

Гостинот, кој секогаш е во право, нормално, одбива да го јаде, зашто од него реа на кислојна и мувла се шири, та и пес со стомак вудвосан да го намириса, вит виделија ќе фати. Свесен е дека, иако „умира за јадење“, ако се накрка утробата ќе ја исповрати, море и мајчиното млекце па дури, поради труење, и овоземниот пат може да го заврши. А Вие, меанџии, зашто во суштина сте тоа, со задача да го услужувате народот кој на таа позиција ве воздигнал, упорно се обидувате да го убедите дека ако не го изеде на синија ставеното од глад ќе пцовиса. Не, „гостинот“ не ќе да е до толку гладен!

Како бре очите не Ви капат од срам? Место да Ве „изеде срамот“, Вие го „изедовте“, го проголтавте па низ дебелото црево го истеравте! Одговорноста, „почитувани“, е само Ваша. Вие пагубен пазар скроивте, без претходно народот да го опитате, и се испазаривте лошо, полошо не може да биде.

Вакви пазарџии, нит светов нит веков виделе. И сега, од народот барате овој Ваш „пазар“ на сенародно гласање да го муроса и легалитет да му даде. Упорно на народот му беседите дека ова е најдоброто можно решение, нема друго, не постои алтернатива, нема излез, нема спас … Не ја бива така, „почитувани“!

Прво, согласност немам со ваквите муабети празни, не мислејќи само за ситуација наша ами воопшто, односно, сметам дека во животот секогаш за се’ има чаре.

Второ, ако, велам ако, како што кукате дека, друго решение нема, тогаш тоа е заслуга Ваша. Вие сте ја довеле државата и народот во таква ситуација безизлезна. Народот не ве постави државата во ќорсокак да ја водите ами нови патишта и алтернативи да изнајдите и понудите. Тоа покажува колку Вие сте кадарни како водачи и преговарачи.

Декшавајте, ама штом од народот барате да Ве избере држава да водите, тогаш одговорноста за чекорите изодени и начинот на водење одговорност е Ваша а народна никако. Одговорноста на народот е само доколку, на избори, погрешил што Ви доверил такво одговорно задолжение. А народот многу ретко може да погреши односно само ако биде измамен.

Во случајов Вие народот го измамивте такво задолжение да Ви довери, зашто не му најавивте каков ниет сте сториле. И сега, иако народот не побара, Вие манџа расипана му сервирате да изеде, заканувајќи му се како на мало дете дека ако манџа не јаде тогаш „ќотек ќе јаде“!

Вистинските водачи така не прават. Вистинските водачи одговорност преземаат. Во случајов, доколку не можете на сопствениот народ пристојно „манџа“ да му сервирате, тогаш таквото задолжение на други да го отстапите и од тронот да се одлачите.

И се чудам ем прашувам: О, ашлаци и злодејци едни, арамолепци невидени, на лагата повелници, зар сиве овие години, пред портите владини дремејќи, за Вас замандалени, не се опаметивте и троа акал не доквакавте, дека не смеете по волја приватна да владеете, по парите да акате, ами по правила заканителни и од предците морал наследен? Зар пред ниедна законска ил морална препрека не се либите и не запирате?

Сте се загнале да не докусурите, да не поништите, вие ништожните.
А на оние што наумиле ова расипано јадење да го изедат, правдајќи се со зборовите од типот „па ние сами не можеме“, „ние сме мали“, „сила немаме“, „големите есап ни прават“, можам само да им порачам дека иако мали, иако през историјата често други за нас крчма правеле, сепак, како народ сме преживеале и пред некоја деценија за своја независна, суверена татковина Македонија се изборивме.

Можеби тоа, на нашите предци тогај невозможно им се гледало, но, ете, иако мали, сме успеале невозможното да го оствариме. Навистина, не лесно и не наеднаш, но успеавме. Зарем денес, сето ова да го отфрлиме? Зошто денес не би можеле да продолжиме да одиме напред не отфрлајќи го здобиеното? Ако мнозинството вака размислува, тогај ние не заслужуваме Македонија за своја татковина да ја имаме.

Од ова што го гледам, чинам ропството вековно небаре мур и врз македонските поколенија има удрено. Браќа мои, зар потчинетоста ви омиле? Зар ропството за срце ви прирасна?

Исто така, сите што наканиле од јадењето расипаното да се накркаат, прво, уште еднаш да размислат, зашто расипаната храна не секогаш низ дебелото црево се истерува, ами од таму од каде што влегла, а тоа е многу непријатно. Згора на тоа, до труење може да доведе а труењето, пак, до „смрт“.

Второ, пред писалка в рака да фатат, најтопло им препорачувам, за совеста да си ја смират, првин да отидат пред гробовите од илинденците, од револуционерите, од војводите, од комитите, од мачениците, од АСНОМ-ците, од измачуваните и убиени македонци кои гинеле со Македонија на усните, и прошка да побараат.

Ако се мислите каде да појдете, ќе Ви кажам дека тоа можете да го сторите речиси секаде низ земјава мила. Каде и да појдете, низ полето, ливадите, горите, крај кладенците, кај и да кинисате, чекор да пуштите, на гроб ќе се сопнете.

И се прашувам, до кога мазохистички, во лагите на владината глутница спурена ќе уживате? До кога лаги ќе „кркате“?

А на тие што во мислите двојба имаат, дал „врз себе рака да кренат“ та да се усмртат под принудата и заканата од смртта, кои се прашуваат дал да отстапат и да исчезнат веднаш ил упорно да истраат сред глибот, сред стравот, ќе им порачам дека кукавучлук или лудост е кревањето рака на себе.

Таква лудост се спремни да сторат само оние што во бој со предизвиците не се кадарни да тргнат, од соочување се плашат, па кукавички отстапуваат. Тоа е стапица во која умот вовлечен бива и избавата е трудна. Внимавајте, оти за лошото колај бива!

Протоереј Љупче Петрески




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.