Важна вест за сите кои имаат електричен тротинет: МВР со законски измени ќе ја регулира нивната употребата

Интервенција со законско решение за возењето електрични тротинети- причината за ова според властите е можноста за xаос на пешачките зони и тротоарите. Во Македонија бројот на електрични тротинети засега не е толкав за да претставува сериозна опасност или проблем во сообраќајот, но сепак од Министерство за внатрешни работи сметаат дека треба да реагираат.

-Со оглед дека појавата, односно учеството на електричните тротинети во сообраќајот стана зачестена појава по сообраќајниците, а имајќи предвид дека овој вид на превозно средство не е регулирано во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Министерството за внатрешни работи подготвува законски измени и дополнување на Законот, а сè со една цела – нормативно регулирање и воспоставување стандарди за безбедност и за овој вид учесници во сообраќајот, велат од МВР.

Засега нема повеќе детали за законското решение, но ако судиме по сличните најави од Франција, која има сериозен проблем со електричните тротинети, веројатно може да очекуваме забрани за движење и ограничување на брзината. Градоначалничката на Париз најави дека ќе се обиде да донесе забрана за движење на електрични тротинети по тротоари и паркови. Брзината да биде ограничена на 20 km/h, а во пешачките зони на 8km/h.

Инаку, Град Скопје завчера распиша два јавни повици: Јавен повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Градот Скопје за купување електрични тротинети во 2019 година и Јавен повик за купување велосипеди во 2019 година.

Едниот, веќе заврши вчера.

Траеше само еден ден. Кој стигнал-стигнал. Скопјани оваа мерка ја добија одамна како ветување, а кој не успеал завчера итно да оди да аплицира, веќе нема шанса за да го направи тоа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.