Археолошкиот локалитет Стибера кај Прилеп не добива ниту денар од државата: Археолозите велат дека за тоа е крив директорот на прилепскиот Завод и музеј

Втора година по ред еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија, Стибера кај Прилеп не добива ниту денар за истражувања од Министерството за култура. Раководителот на истражувањата Душко Темелкоски вели дека ова е скандалозно, а за тоа го обвинува директорот на прилепскиот Завод и Музеј, кој според него јавно изјавувал дека нема да ги поддржува проектите од археологија. Такво писмо според Темелкоски директорот упатил и до Министерството. Поддршка на Темелкоски му даваат и археолозите Оливера Богатиноска и Владимир Крстески – oбјави порталот “Инфо Компас”

„На Стибера е откриен објект кој едиинствен таков објект се наоѓа на земјиште во државен посед, единствен објект кој може да се конзервира, сите објекти кои ги истражувавме претходно веќе ги засипапавме под земја бидејќи се наоѓаат на приватно земјиште. И тој објект сега стои од тие две претходни кампањи отворен, недоистражен, го јади забот на времето, а директорот вели едноставно нема потреба од археологија“, вели Душко Темелкоски, археолог во Завод и Музеј Прилеп.

Директорот, Благоја Атанасоски, признава дека негов личен став е дека во овој момент тој дава предност на заштитата на спомениците на културата што биле над земјата отколку на археологијата. Но демантира дека тој побарал од Министерството да не даде пари за Стибера. Годинава локалитетите Алкомена, Стибера и црквата во Зрзе од нејасни причини ги немало ниту во одбиените, ниту во прифатените проекти. Затоа на археолозите им понудил тоа да се реши со пренамена на средства.

„Ние ќе зафатевме некои средства, ќе појдеа на терен, ќе го доистражеа тој дел што е проблематичен на Стибера и ќе го решевме проблемот. Ние имавме добиено средства за конзервација на тој дел. 80.000 денари имаме добиено за конзервација на тој дел ако се доистражеше. Ако јас сум бил против таму значи и тие средства немаше да ги добиеме“, истакна Благоја Атанасоски, директор на Завод и Музеј Прилеп.

Негрижата на државата или влошените лични односи и годинава ќе ја остават македонската Помпеја оставена на забот на времето, а нашата историја закопана длабоко под земјата.

Видео прилогот на “Инфо Компас” погледнете го ТУКА




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.