Утре премиера на “Клетници”: Стартува мeга проектот на прилепскиот театар со 40 актери на сцената

Во петок 29.12.2017  од 19.30 часот, театарот „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја изведе претставата „Клетници“ од Виктор Иго, во режија на Мартин Кочовски. Претставата е голем проект, во кој игра речиси целиот ансамбл на прилепскиот театар, како и повеќемина гости и на сцената се 40 актери.

„Клетници“ ќе биде претстава за правдата и за човештвото вели режисерот Мартин Кочовски.

Изјава од режисерот

-Најважните теми во животот се борбата за праведност, која е макотрпна и тешка, но и љубовта кон човештвото. Кога ова ќе се спои во една претстава станува многу комплицирано, а ретко кој се занимава со овие теми. Кога тоа ќе се спои со ансамблот на прилепскиот театар, се добива комплексно и безвременско уметничко дело, но и како историски настан. Темата се работи во вистинскиот момент, зашто  сега живееме во време многу интересно и оптимистично. Со ансамблот се обидуваме да ги промениме нештата во кои живееме, да испратиме сериозни пораки за суштинските вредности. Претставата трае три часа и мислам пак е малку да се кажат суштинските работи за смислата на животот – вели Кочовски.

Изјава од актерот Владимир Ѓорѓијоски, кој воедно е и драматург.

– Ова е „голем залак“ и за далеку поголеми ансамбли. На овие простори „Клетници“ прв пат се поставува. Единствено, ако така може да речам, „не претекна“ ансамблот „Берлине“ од Берлин што го основал Бертолд Брехт, кој  го постави текстот „Клетници“ на сцената во почетокот на овој месец. Таму претставата трае шест часа. Тоа е за нас знак дека се носиме со европските театарски трендови – вели Ѓорѓијоски.

Автор на драмскиот текст на делото на Виктор Иго „Клетници“ е Горјан Милошевски, костимите, сценографијата и дизајнот на светлото се на Јулијана Војкова Најман, а музиката во живо ја изведува групата Фолтин.

Заради големиот интерес претставата изведба има и вечерва четврток од 19.30 часот.

Ова е последна трета премиера на  прилепскиот театар за 2017 година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.