Прес-конференција на претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Петар Ристески, за актуелните политички случувања во државата.
“Почитувани прилепчани,
Владата предводена од СДС и понатаму бесрамно продолжува со продажбата на државните националните интереси.
И покрај тоа што најавуваа во предизборната кампања дебати и консултации со македонскиот народ за различни државотворни теми, досега во ниту еден момент не покажаа зрелост да го слушнат мислењето на народот кое не се совпаѓа со нивните антидржавни политики.
Народот и стручната јавност, имаат сериозни забелешки за Договорот со Бугарија. Текстот на овој договор е така формулиран што во истиот не се признава постоењето на Македонците, македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Воедно, особено ние граѓаните на Република Македонија сме загрижени за срамното и недостојно откажување од грижата за македонското национално малцинство кое Заев го договори со Борисов.
Во договорот е предвидено да се променат учебниците по историја. Ќе ни забранат ли да ги чевствуваме хероите од Прилеп? Како си дозволуваат да го избришат делото на Ченто, Рампо Левката, Кузман Јосифоски- Питу и уште стотици други. Дали се свесни дека со овој договор велат да го заборавиме масакрот кај Дабница, кај Песјобрдце, Прилепец?
Зар дозволивте од историјата да биде избришан Прилеп како град Првоборец, како град во кој пукнала првата пушка во НОБ? Вака конципиран и потпишан договорот ќе произведе правни последици на штета на македонскиот народ, кои истиот ќе мора да ги трпи подолг период, се додека ВМРО-ДПМНЕ не се врати на власт и не изврши преиспитување на договорот.
Од друга страна, иако во неколку наврати Заев најавуваше дека ќе го почитува Уставот на Република Македонија, со скандалозниот Закон за употреба на јазиците, прави еклатантно кршење на највисокиот правен акт. Иако ветуваше дека нема да има двојазични униформи, дека нема да се менува изгледот на парите, новиот закон го предвидува сето тоа. Новиот закон значи употреба на албанскиот јазик на целата територија на Република Македонија, дури и во етнички чистите градови како што е Прилеп каде не постои реална потреба за имплементирање на ваков закон.
Прилепчани не гласаа за бинационална држава!
За ВМРО-ДПМНЕ заштитата на границите е врвен приоритет како што е и заштитата на интересот на граѓаните на Република Македонија. Ние како партија, се залагаме и ќе се залагаме да се почитуваат човековите права, но Македонија нема ниту економски, ниту било каков друг капацитет да овозможи трајно сместување на мигранти на нејзината територија.
Особено загрижувачки се носењето на Стратегијата и Акциониот план од новата влада, која без консултација со македонскиот народ реши да гради бегалски кампови ширум Македонија. Ве прашуваме, каде во Прилеп е планирана изградба на 14 згради за мигранти и бегалци, и дали го имате слушнато мислењето на прилепчани околу оваа тема? Вашата кампања се темелеше на унапредување на животниот стандард на државјаните на Република Македонија, а не на изградба на кампови за трајно населување на лица од Сирија, Авганистан, Судан, Сомалија.
Она за кое ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше за време на изборната кампања и после изборната кампања, се остварува. Новата влада е марионетска влада која ги распродава македонските национални интереси за лични цели, без трошка срам и почит кон предците кои ги положија животите за слободна, независна, суверена Македонија.
Македонци, мора да бидеме свесни за последиците од оваа погубна политика, затоа што резервна држава немаме. Да не дозволиме кредитот од ваквото неодговорно владеење да го плаќаме ние и генерациите кои доаѓаат по нас”.