Прилепчанецот кој со своите раце создаде теренски ѕвер (ФОТО)

Пасијата на Игор Трајкоски

Моќната машина предизвикува возбуда не само да се создаде, туку да се ужива во нејзината сила при совладувањето на дивината

Триесети иосумгодишниот Игор Трајковски го претвори сонот во јаве со својата глава, вештите раце, трпеливоста и со мала поддршка на мајстори за механика и автоелектрика. Авантуристичкиотм дух да се допре недопреното, да се мерат силите со природата, да се трага по недостижното, го натера младиот човек во потрага до неможното за македонски прилики.

За својата душа и пасија фантазирана од детството, креира теренско возило, Змота. Тоа е новосоздаден моќен теренец, џип, за совладување на тешки препрерки на нагорнини, камења на надолните.

Комбинацијата на машината и шасијата уриваат снежни наноси, излегуваат од длабока кал, совладуваат некскротливи води, бијат мегдан со моќта на карпите во планината.

Едноставно, Трајковски создаде џин од џип со погон на сите четири тркала, налик на вселенско возило, кому му недостигаат уште крила да лета за да ја предизвикува природата.

Сопственикот има амбиции да учествува на македонски и на балкански релиа на теренци. Возилото ги дава предвидените ефекти и ги задоволува перформансите на категоријата и во зимски услови во ноќен амбиент.

Речиси секој викенд дваесетина членови на клубот OFF road Prilep се дружат, уживајќи во возбудата на снагата на машините на непристапните терени во околината на градот.

Главнината на теренецот е креирана според шеми од интернет чија изработка се вршела во неговата работилница, Игопер. Нема вградено инженерски ум како за новите модели на возила.

Сосема сам, со инвенција и желба, произведен е џип на кој му застанува здивот не само на прилепчани или граѓаните на земјава, туку предизвикува восхит и кај неговите колеги од клубот Off road Prilep. Авантуристичкиот карактер го дизајнира џипот до совршенство во неговата класа.

Станува збор за дел од кабина на БМВ 735 со бензински мотор од 3500 кубни сантиметри со снага од 211 коњски сили и менувачот од БМВ.

Има туѓ редуктор, најиздржлив пренос, кардани и подвозјето од Нисан Патрол. Адаптиран е со најквалитетни специјални германски амортизери кои се прилагодуваат според конфигурацијата на теренот.

Ако предното тркало е високо, амортизерот се спушта, а ако задното е високо, автоматски се прилагодува, 4 линк. Без соодветни специјални гуми, и на силниот теренец не ќе му оди добро низ брда и ридови. Затоа е опремен со најквалитетни гуми и бандаши.

Односно, сите делови се најквалитетни да се спречат потенцијални дефекти. Ентериерот на внатрешноста е небаре луксузен двосед од БМВ, со удобни седишта и елегантна прегледна табла.

На дофат се редукторите и останатата опрема за теренец од Змота ранг. Опремен е со две макари за влечење, една хидроулична и една електрична. Регистриран е како БМВ.

Надворешната метална конструкција е креирана да ги задоволи безбедносните предизвици. Возачот и совозачот се сосема заштитени од непредвидливи последици.

Тешко може да се преврти, а и ако се случи тоа, екипажот ќе остане неповреден, доколку џипот се истркала на покривот или странично неколкупати.

-Секогаш сум бил загреан. Првин е потребна волја, да те влече, да те трга нешто од внатре, да се направи современ теренец.

И пари, секако. Макар што не е сé во парите. Некогаш задоволството не се плаќа со пари. Ќеф. Мојата зараза веќе му ја пренесов на мојот син, иако е мал.

Или како што ми велат, ако сакаш синот да не биде наркоман, купи му возило Off road и никогаш нема да има пари за дрога.

И на брат ми му влезе чивијата. Тој првин ме осудуваше, но се ,,крастоса,, веќе неколку години. ,,Запален,, е до таа мера што за неколк години смени три теренци. При подготовката гледавме од интернет, но браварските работи ми се занает и го исползував искуството.

Инаку, Змотата ја направив за три месеца од две возила. Задоволен сум. Очекуваното го постигнав. Тоа што го барав за адреналин, го имам на располагање – потенцира Трајковски.

Тој учествувал на трките со претходното возило Нисан Патрол во Кичево, Охрид… Сега е комплетно опремен за балкански трки. И тука не стивнуваат аспирациите. Понатаму мечтае да создаде возило, полесно, но со помоќен агрегат, што е најбитно.

Пасијата кон теренските возила првин ја тестирал со Лада Нива. Од оштетен, создал пристоен џип. Страста кон теренците ја изразил со втора Нива, која ја дотерал и прилагодил според можностите. Пред Змотата, уживал во Нисан.

Извор: “Неделник Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.