Исклучително значајни 3 бода од гостувањето во Скопје: Победа излезе од опасната зона

Фудбалерите на Победа на денешниот натпревар од претпоследното 17-то коло на ПМФЛ во Скопје, го совладаа истоимениот домашен тим со 1-0. Ова е исклучително значајна победа и големи 3 бода од теренот на кој есенва победи само Шкендија (1-2), а загуби само Пелистер (1-0). Голот за Победа е постигнат во раната 7-ма минута од натпреварот кога Маневски одлично го проигра Цветаноски, кој ја прими топката, и кога во домашниот казнен простор излезе сам пред Кандикјан, од позади беше фаулиран од Ужевски.

Интернационалниот судија Мечкаровски без размислување покажа на белчата точка и му додели црвен картон на Ужевски. Гешоски успешно го реализира пеналот и донесе водство на Победа, што се покажа и како конечен резултат.

Целиот меч беше со многу малку шанси и возбудувања. За Победа прилики имаа Гешоски, Ристевски и Цветаноски додека за Скопје Десниќ, Пецов и резервистот Сулејмани во последните моменти од мечот.

Се играше тврдо на лошиот терен, кој и не дозволуваше течна и пас игра. Победа умешно и успешно ја користеше бројчаната предност на теренот и одолеваше на домаќините. Скопје пак единствена шанса да стори нешто повеќе имаше и гледаше во прекините и нафрлените топки пред голот на денес одличниот Јовансоки. Тој застана на голот на местото на капитенот Талески, кој паузираше поради 5 жолти картони, и имаше свој ден.

Имаше повеќе сигурни интервенции и со својот учинок денес има голем удел во победата на својот тим.

Победата, втора на гостувањата полусезонава, е тешка, но и од круцијално значење во завршницата на полусезонава. До крајот остануваат уште два натпревари. Во среда од 13 часот реванш 1/4-финалниот меч од Купот со Пелистер во Прилеп (првиот меч во Битола 2-5) и в недела во последното 18-то есенско коло (од 13 часот) во Прилеп натпреварот со Ренова. Досегашниот биланс е подобар од ланската есенска полусезона.

Лани по 18 кола, на крајот на полусезоната) Победа имаше 15 бодови (3 победи, 6 реми и 9 порази со гол разлика 16-27). Оваа, на коло пред крајот, остварени се две победи повеќе и освоени 3 бода повеќе – 18 бодови со биланс 5 победи, 3 нерешени и 9 порази со гол разлика 18 постигнати и 30 примени голови (најмногу од сите прволигаши!)




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.