Интензивно се работи на изградба на новата градинка во Прилеп (ФОТО)

_MG_1589

Интензивно се работи на изградба на новата градинка која ќе биде сместена на првиот спрат во ООУ „Рампо Левката“ од Прилеп. Инвестицијата за оваа градинка изнесува 3 милиони денари, а таа ќе има капацитет да прими околу 100 дечиња.

_MG_1550

„Градежните зафати се одвиваат интезивно, рокот на завршување на градежните работи е 60 дена и тие треба да завршат некаде околу почетокот на месец август. Потоа со средства кои се обезбедени од Министерството за труд и социјална политика целата градинката треба да биде опремена со инвентар. Вкупниот проект изнесува околу 3 милиони денари, во кој што е вклучено и уредување на дворното место на градинката. Средствата со кои се одвиваат овие градежни зафати и уредувањето на дворот се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_MG_1562

_MG_1548

Општина Прилеп во изминатиот период особено внимание посвети на зголемување на капацитетите за згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст со отварање на нови објекти наменети за детски градинки или реконструкција и адаптација на постојни објекти, со што значително се зголеми капацитетот, а со тоа и опфатот на деца од 0-6 години

_MG_1553

_MG_1603

За само неколку години капацитетот на ЈОУДГ „Наша иднина“ од Прилеп се прошири за околу 200 места. Освен во градот нови градинки се отворија и во населените места : Канатларци, Беровци, Тополчани и Големо Коњари.

_MG_1592

„Општина Прилеп и градоначалникот Марјан Ристески постојано соработуваат со предучилишната установа од нашиот град и во изминатиов период беше детектиран проблемот за малиот капацитет кој го имавме за прием на деца од предучилишна возраст. Затоа ние во текот на овие последни неколку години сите заедно постојано работиме на проширување и зголемување на капацитетите на градинките. Оваа последна инвестиција е одлична можност за излегување во пресрет на 100-тина наши сограѓани чии што деца ќе бидат згрижени во овој објект“, кажа Христина Трпческа, директор на ЈОУДГ „Наша Иднина“ – Прилеп.

_MG_1569

„Овој проект е добра можност да се види дека локалната самоуправа води грижа за училиштата и градинките и дека има одлична соработка помеѓу овие три институции. Корист од овој проект ќе има целата заедница, ќе се згрижат 100-тина деца кои потоа своето образование ќе го продолжат во ООУ „Рампо Левката“. Некаде сме на половина од изведувањето на работите и се надевам дека на почетокот од новата школска година ќе имаме можност и да направиме увид во новите преадаптирани простории каде треба да бидат примени околу 100 дечиња“, истакна Катерина Чавлеска Трпкоска, директор на ООУ „Рампо Левката“ – Прилеп.

_MG_1589

_MG_1588

 

Во програмата на Министерството за труд и социјална политика во иднина се планира Прилеп да добие и градинка со голем обем која би се градела во населбата Точила, со што треба да биде решен проблемот со сместување на децата од претшколска возраст од овој дел на градот, а нова градинка од голем обем треба да добие и населбата Рид.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.