Изложбата „Споменици на Револуцијата“ утре пред прилепчани

Во среда 25.4.2018 во 12.00 часот во ликовниот салон на ЦК„Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на фотографии „Споменици на Револуцијата“ од авторот Марко Кројач.

Марко Кројач (во анаграфот Marc Schneider,1968) кој живее и работи во Берлин е постариот брат на независната сцена: слободен уметник, активист, сквотер, музичар, ди-џеј и хроничар. Веќе 15 години посветено ги документира монументалните споменици на НОБ на просторите на поранешна Југославија. Денес е дел од мултимедијалниот колектив Центрифуга од Берлин, каде активно музицира и работи со сито печат.

Изложувал во Токио, Женева, Белград, Берлин, Париз и многу други градови во светот како самостоен уметник и архивар на споменичното културно наследство на некогашна југославија.

Неговата изложба на фотографии печатени во сито техника под наслов “Споменици на Револуцијата“, ги архивира партизанските споменици од бивша Југославија и покажува како се менувале културните сеќавања и концептите на идентитетот на балканските простори од Првата светска војна до денес.

Оваа изложба ги прикажува спомениците и приказните за нивното настанување, како и сегашниот однос на луѓето и воопшто културните политики кон постоечките споменици во едно време на постојано променлив идентитет. Фотографиите на Марко Кројач ни ги доловуваат овие промени преку слика, а коментарите на различни автори го контекстуализираат секој споменик. Со овој пристап изложбата има желба да го унапреди критичкото, но во истовреме контруктивното соочување со минатото.

Изложбата, чиј првчен фокус се спомениците во Македонија, не соочува со реалната состојба на овие ремек дела, некои од нив реконфигурирани, напуштени или заборавени, но се’ уште живи централни места на сеќавањата, историјата и комеморацијата.

Таа отвора прашања кои јасно ја покажуваат сложеноста на процесот во градењето на мирот на Балканот и поделбите поврзани со минатото, години после војни и насилство.

Изложбата во својата естетика е светла и чиста, самата техника на обработка на сито печат е уметност сама по себе, но приказната која се пренесува е повеќеслојна и остава силни впечатоци за тоа кои биле и кои се денес нашите вредности. Изложбата “Споменици на Револуцијата“ преиспитува, едуцира и оплеменува со својот опус, колорит и визуелен наратив.

Марко Кројач исто така ќе ја промовира и својата книга “Залудградител“ работена на сито печат, а на тема споменици на народната борба на просторите на бивша Југославија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.