Јавен оглас за избор на спортист на годината на Прилеп

Општина Прилеп објавува јавен оглас за предлагање на кандидати за избор на најдобри спортисти и спортски клубови за 2019 година. За таа цел, се повикуваат спортските клубови од општина Прилеп да предлагаат кандидати кои во изминатата година постигнале спортски успеси и запазени резултати на домашен и меѓународен план.

Покрај најдобрите спортисти и спортски клубови, ќе биде извршен избор и во неколку други категории, меѓу кои и избор на најдобар тренер, спортски работник, млад спортист, играч кој настапува за странски клуб, спортист со телесен инвалидитет и сл. Исто така, ќе бидат наградени и лица кои дале посебен придонес во афирмацијата на спортот во градот, државата и надвор од неа.

Покрај кратката биографија и информација за постигнатите резултати во 2019 година, поднесената пријава треба да биде заверена и потпишана од овластено лице на спортскиот клуб или здружението кое го предлага спортистот, спортската екипа, тренерот или спортскиот работник.

Доделените награди ќе бидат во форма на дипломи и плакети, а на најдобриот спортист на општина Прилеп ќе му припадне и парична награда.

Огласот трае 12 дена, почнувајќи од понеделник 20 јануари и заклучно со петок,
31 јануари 2020 година.

Пријавите се поднесуваат на адреса: Општина Прилеп ул.„Прилепски бранители“ бб 7500 Прилеп

Или во архивата на Општина Прилеп

Со назнака: За избор на спортист на годината

На крај од овој оглас од општината само би додале, среќа што постојат индивидуалните спортови и индивидуалните спортски успеси во Прилеп, затоа што спортот целосно би го немало. Секоја им чест и на спортските клубови за карате, џудо, бокс, кик-бокс и останатите кои со минимални средства создаваат шампиони.

Состојбата пак со колективните спортови, а особено со ракометот и фудбалот како репрезенти на градот, најдобро можете да ја погледнете преку табелите во продолжение:

И РК Прилеп и ФК Победа сезонава се второлигаши, а додека младите ракометари на РК Прилеп се борат и го прават невозможното на секој натпревар, Победа се наоѓа на осмото место од табелата во Втората лига-Исток и е можно дури и да испадне уште еден ранг пониско.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.