Чупетрески: „Подготвен сум бесплатно да помогнам за Прилеп, еве ви конкретни предлози за подобар град“

Стопанственикот и независен кандидат за градоначалник на Прилеп на минатогодишните локални избори, Борче Чупетрески, преку објава на социјалните мрежи упати низа критики, предлози и идеи до локалната власт во Прилеп. Во статусот, Чупетрески посочува дека е подготвен бесплатно да ги сподели своите проекти, решенија и бизнис-предлози, кои, според него, би придонеле за подобар развој на градот.

Во продолжение, интегрално ви го пренесуваме неговиот Фејсбук статус:

„Не можам повеќе да молчам. Молчењето е оправдување.

Кога поднесов кандидатура за градоначалник на Прилеп, потпишав и изјава дека ќе работам без плата. Но, поради „Х“ причини не победив, а и не очекував да победам. Сепак, сè што сакав бесплатно да направам за Прилеп, подготвен сум да го споделам со актуелната политичка власт и поединци, само за доброто на Прилеп. Проекти, идеи, решенија, солуции, планови и слично – за сè сум ви на располагање. ПОВЕЛЕТЕ!

Знам дека никогаш нема да ме повикате и да се „понижите“ да прашате, па затоа решив самостојно, по сопствена иницијатива и по барање на граѓани кои во разговор потенцираат проблеми и бараат спас или решение за истите, јавно да ги давам моите предлози.

ИЗЛЕЗЕТЕ НА ТЕРЕН МЕЃУ НАРОДОТ

Ве заборавија како изгледате. Глас ви нема никаде, а слика уште помалку. Излезете и слушнете го народот што ве гласаше, оти три години брзо ќе поминат. Пак ќе го лажете и пак ќе се лижете кај истиот народ.

КУПЕТЕ ОПРЕМА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ГРАДОТ

Ако не можете, продадете дел од уделите на фирмата на приватни лица и компании кои професионално ќе управуваат со нив, а вие ќе земате профит од работењето (Закон за јавно-приватно партнерство). Вака само плаќате за покривање на загубите што ги прават неспособните партиски кадри.

КУПЕТЕ МАШИНА ЗА РЕЦИКЛИРАЊЕ НА АСФАЛТ

Со истата машина можете 95% од постојниот асфалт да го рециклирате, термички да го обработите и да го збогатите со мала количина битумен, а потоа истиот да го вратите на сите тротоарски површини во Прилеп. Народот оди пешки и гледа сè. Тогаш коментира за вашиот успех или неуспех.

РЕШЕТЕ ГО ГРАДСКИОТ ПРЕВОЗ СО ЕФИКАСЕН СИСТЕМ ЗА КОНТРОЛА НА ЗАКОНОТ ЗА ПРЕВОЗ

Прилеп нема локален сообраќаен инспектор. Немате пари за плата за него? Оставете го да прошета низ Прилеп и законски ќе си обезбеди плата за два ваши мандати. Доколку се спроведува законот и сообраќајните регулативи, само по основ на данок ќе ја обезбеди платата, плус рата за минимум еден до два нови градски автобуси. За ова можам елаборат и бизнис план да ви направам – БЕСПЛАТНО.

ВРАТЕТЕ ГО МЕРМЕРОТ ИЛИ ЗГОЛЕМЕТЕ ЈА ДАНОЧНАТА СТАПКА ЗА КОРИСТЕЊЕ НА МИНЕРАЛИ И РУДНИ БОГАТСТВА, КАКО ШТО Е СЕКАДЕ ВО СВЕТОТ

Ќе ти го дадам моето ако ми дадеш 1/3 од профитот.“ Ова е светски услов во мирнодопски околности. Доколку бевме поробени од надворешен непријател, истиот ќе можеше да експлоатира сè што имаме. Но и тогаш сигурно ќе ни фрлеа по некоја коска да грицнеме. Во нашиот случај, ние добиваме само 0,3% од профитот или народски кажано – „ИЧ“!

Ако го направите ова, ќе имате пари за да го направите Прилеп Лас Вегас, како што го викаме кога влегуваме од Плетвар.

Абе, не го даваме нашето без пари и крај! Ова ни е од Бога дадено за нас! Наредни предлози и точки – само по ваше барање.“




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.