Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го започна протестот со автомобили, кој го најави по вчерашното интервју на премиерот Зоран Заев за БГНЕС.
Протестот што партијата го најави како „сенароден и натпартиски“, се одвива под мотото „Протест сега, за да не биде предоцна“.
Поради ситуацијата со ковид-19, протестот се одвива со автомобили. Започна од пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Карпош, а автомобилите стигнаа пред Владата.
Во повикот за протестот од опозициската партија апелираа граѓаните да се спротивстават на, како што велат, „пазарџиската и анационална политика на Зоран Заев и владата кои се подготвени да ги распродадат националните интереси на Македонија“.
„Целта е достоинствено и мирно да го изразиме граѓанскиот револт за намерата на владата на Заев да тргува со јазикот, народот, идентитетот и историјата на Македонија“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, непосредно пред почетокот на протестот.
Од партијата повикаа на протест и утре. Протести со автомобили со почеток од 18:00 часот ќе се одржат во Прилеп, Битола, Охрид, Кавадарци, Велес, Куманово и Тетово.