Трамп доби македонска поддршка, Бачев му испрати писмо: “Моите мисли и мислите на Македонците се со вашата победа”

Во пресрет на претседателските избори во САД на 3 ноември 2020, претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев денес упати писмо до претседателот на САД, Доналд Трамп во кое ја искажува поддршката од неговата партија. Бачев во писмото вели дека победата на Трамп може да придонесе за спречување на „длабоката држава“ во Македонија да го избрише името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.

„Моето обраќање до Вас се темели врз едноставна правдина – да ја држиме судбината во наши раце и врз желбата на мојот македонски народ гордо да ја ставиме Македонија на прво место во согласност со вашите залагања да ги ставаме своите земји на прво место и дека тоа е во ред и тоа е она што треба да го правиме“, се вели во писмото на Бачев.

Тој понатаму додава дека „длабоката држава“ преку дипломатски претставници на САД со години во Македонија инсталира марионетски влади, назначува претседатели на политички партии, фалсификува избори, но и поставува архитекти за бришење на Македонците од светската мапа на нации. „Длабоката држава“, пишува Бачев, ја подарува Македонија на Бугарија, Грција и Албанија преку бришење на се што е македонско.

Бачев тврди дека последните избори биле фалсификувани, а активностите на дипломатските претставници на САД во Македонија се во целосна спротивност со заложбите на Трамп за иднината на нациите и државите во светот.

„Македонците веруваат во вас и мислат дека тоа е вистинскиот избор. Македонија со САД ги врзува посебно пријателство. Моите мисли и мислите на Македонците се со вашата победа на изборите. Со нетрпение ја очекуваме информацијата за вашата победа на 3 ноември. Се надевам на континуиран развој на срдечни и продуктивни односи меѓу САД и Република Македонија засновани на принципите кои силно ги промовирате.
Знам колку овие прашања се важни за вас и длбоко го ценам времето што ќе го употребите да ги разгледате моите размислувања“, додава Бачев.

Тој бара од Трамп да го предупреди за секакви пречки за кои гледа дека стојат на патот за елиминирање на „длабоката држава“ и во Македонија.

Бачев го информира Трамп дека Македонците во САД масовно го прифаќаат повикот од Единствена Македонија да гласаат на 3 ноември за неговата кандидатура.

„Денес бројката на Македонци во САД е околу 200.000. Јазикот на кој зборуваат Македонците во САД е македонски кој уште во 1920-тите бил забележан во американските пописи. Бог да ве благослови, г-дине претседателе. Бог да ја благослови Америка. Бог да ги благослови нациите во светот. И Бог да ја благослови Македонија и сите патриоти во светот“, завршува Бачев.






Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.