Талентирана гимназијалка од Прилеп ја преставуваше Македонија на Светско првенство во карате

Катерина Јорданоски, ученичка во Гимназијата „Мирче Ацев“ oд Прилеп, е долгогодишен државен првак во карате во јуниорска конкуренција. Таа импресионира со својот спортски талент, но и со посветениот пристап кон училишните обврски. Резултатот од ваквиот ангажман е одличен успех во училишните клупи, но и континуирани репрезентативни настапи со кои ја претставува Македонија ширум светот.

Изминатиот месец Катерина се натпреваруваше на Светското првенство во карате за кадети, јуниори и помлади сениори (У21), кое се одржа од 14 до 18 октомври во Биелско-Бјала, Полска. Во нејзиниот настап недостигаше само малку спортска среќа за да обезбеди висок пласман или борба за медал.

По враќањето од Полска, таа оствари средба со директорот на гимназијата „Мирче Ацев“, Дејан Димоски.

„Ова е само почеток. Се трудам да одговорам на сите обврски кон училиштето и кон каратето. Изразувам благодарност до сите кои се инволвирани во реализацијата на моите успеси. Соработката и поддршката од училиштето и од директорот Димоски многу ми значат. Се надевам на нови добри резултати на кои ќе се радува и мојата заедница“, истакна Катерина.

Директорот Димоски ја потврди посветеноста на образовната институција кон младите спортисти, додавајќи: „Ѝ посакуваме многу здравје и успех. Поддршката од нашето училиште е безусловна“.

Успесите се семејна традиција, па така и нејзината сестра, Марија Јорданоски, е исто така успешна каратистка. Марија го освои второто место на Државното првенство, а нијанси одлучуваа таа да не замине на Светското првенство во Полска.

Веќе на 4 ноември, Катерина и Марија, заедно со уште две ученички од Гимназијата, кои исто така се успешни во каратето, Јована Илијоска и Цвете Миланоска, заминуваат на Балканското првенство во Турција, каде што ќе се борат за нови спортски успеси и медали.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.