Соларен саем на плоштадот во Прилеп: Како сончевата енергија може да стане дел од секојдневието

Како функционираат фотонапонските системи, кои се можностите за нивно поставување во домаќинствата и како граѓаните можат од потрошувачи да станат и производители на електрична енергија? Одговори на овие и на низа други прашања ќе се бараат на „Соларниот саем“ што ќе се одржи утре, во среда, на Градскиот плоштад во Прилеп, од 11:00 до 14:00 часот.

Настанот ќе им овозможи на прилепчани одблизу да се запознаат со практичните решенија за користење на сончевата енергија во своите домови. Преку штандови, демонстрации и разговори со компании и организации, посетителите ќе можат да добијат информации за различните технологии, можностите за поставување фотонапонски системи и начините на користење на произведената електрична енергија.

Во фокусот ќе биде и концептот на просумер – граѓанин кој истовремено произведува и користи сопствена електрична енергија. Наместо домаќинствата да бидат само потрошувачи, идејата е тие да можат активно да учествуваат во енергетската транзиција преку производство на електрична енергија од обновливи извори.

На саемот ќе бидат претставени конкретни решенија и практични примери преку кои граѓаните полесно ќе можат да разберат како функционираат соларните системи, како се произведува електрична енергија од сонцето и како таа може да се користи за потребите на едно домаќинство.

За најмладите се предвидени интерактивни работилници, преку кои низ игра и практични активности ќе се запознаат со обновливите извори на енергија и со значењето на сончевата енергија за иднината.

Соларниот саем го организира Центарот за климатски промени, со цел темата за обновливите извори на енергија да стане поблиска и поразбирлива за граѓаните. Посетителите ќе имаат можност директно да разговараат со претставници на компании и организации, да поставуваат прашања и да добијат практични информации за можностите што ги нуди сончевата енергија.

Настанот се реализира во рамките на проектот „Зајакнување на позитивната перцепција за процесите на праведна транзиција на локално ниво“, кој е дел од иницијативата „Финансирање на поправедни иднини: проширување на ангажманот и овозможување на инклузивна и родово трансформативна климатска правда во Европа и пошироко“.

Проектот е координиран од CAN Europe и кофинансиран од Европската Унија, а една од неговите цели е да се зголеми информираноста и да се поттикне вклучувањето на граѓаните во процесите што водат кон почист и поодржлив енергетски систем.

Од Центарот за климатски промени ги повикуваат прилепчани да го посетат саемот, да се информираат и да дознаат повеќе за можностите сончевата енергија да стане дел од нивното секојдневие.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.